Туркменистан е поранешна советска република со скоро шест милиони луѓе и е една од петте земји што немаат пријавено случаи на коронавирусот, според прегледот на податоците собрани од Универзитетот Џонс Хопкинс и Светската здравствена организација.
Репресивниот претседател на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, кој владее со оваа земја од 2006 година, ги отфрли извештаите за коронавирусот во земјата како лажни и во вторникот во изјава им порача на Обединетите нации дека одговорот на пандемијата не треба да се „политизира“.
Но независните агенции и новинари и активисти надвор од Туркменистан велат дека постојат докази дека земјата се бори со трет бран, кој ги преплавува болниците и убива десетици луѓе, и предупредуваат дека претседателот го минимизира ризикот од смртоносниот вирус во обид да го задржи својот имиџ во јавноста.
Руслан Мјатиев, прогоненик од Туркменистан и уредник на холандската независна новинска организација Туркмен њуз, рече дека лично ги собирал имињата на повеќе од 60 луѓе за кои тврди дека починале од коронавирусот, меѓу кои и наставници, уметници и лекари, пренесува Си-ен-ен.
Мјатиев рече дека сите регистрирани смртни случаи ги проверувал со здравствени картони и рендгенски снимки, откривајќи сериозно оштетување на белите дробови и медицинско лечење што одговара на жртви на коронавирусот.
„Наместо да го прифати тоа и да соработува со меѓународната заедница, Туркменистан одлучи да ја закопа главата во песок“, рече Мјатиев.
Туркменската влада не одговорила на барањата на Си-ен-ен за коментар на темата.
Како помина сето тоа?
Додека ковид-19 се ширеше низ целиот свет во почетокот на 2020 година, Туркменистан инсистираше дека нема заразени, иако соседните земји пријавуваа огромни жаришта. Иран, со кој Туркменистан дели долга копнена граница, објави едно од најголемите жаришта на коронавирусот во светот, со речиси 5,5 милиони вкупни случаи, според Светската здравствена организација.
Нула пријавени случаи
Туркменистан нема пријавено ниту еден единствен случај од почетокот на пандемијата.
Според веб-страниците на британското и австралиското министерство за надворешни работи, сите летови кон Туркменистан во моментов се прекинати и само на Туркменистанците им е дозволено да влезат во земјата.
Мјатиев вели дека неговите извори во Туркменистан почнале да го контактираат за случаи на корона во мај 2020 година, во исто време кога таа драматично се рашири низ целиот свет. Тој рече дека првите пораки што ги добил зборуваат за „чудна белодробна болест слична на грип“, која погодила многу луѓе.
„Надвор беше најмалку 40 степени – не е вообичаена сезона на грип“, рече тој.
Во јуни 2020 година, Амбасадата на САД во главниот град Ашхабад издала здравствено предупредување поради „информации дека локални граѓани имаат симптоми исти како тие од коронавирусот, кои се тестираат за ковид-19 и се ставаат во 14-дневен карантин“.
Владата на Туркменистан веднаш го нарече соопштението „лажна вест“.
Мисијата на СЗО во Туркменистан во јули 2020 година не потврди никаква инфекција со коронавирус во земјата, но рече дека е загрижена за „зголемениот број случаи на акутна респираторна инфекција и пневмонија“.
Според Мјатиев, тогаш ситуацијата веќе била надвор од контрола. Владата ги советувала граѓаните да преземат бизарни здравствени мерки, како на пример да јадат еден вид пикантна супа.
Во јануари оваа година Туркменистан објави дека ја одобрил руската вакцина против коронавирусот Спутник V за употреба во земјата. Потоа, во јуни, Светската банка се согласи да ѝ позајми 20 милиони американски долари на туркменистанската влада, главно за здравствени установи и изградба, како дел од програмата за „спречување, откривање и одговор на заканата што настанува од ковид-19“.
Уште во вторникот претседателот на Туркменистан рече дека напорите на глобалната заедница во решавањето на пандемијата на коронавирусот се „недоволни“, иако не ја спомена ситуацијата во својата земја.
„Туркменистан гори“
И покрај тоа што претседателот тврди дека нема корона во неговата земја, ситуацијата во Туркменистан е значително поинаква, тврдат независни новинари и активисти.
Дијана Серебријаник, директорка на европската група за прогонети „Права и слободи на граѓаните на Туркменистан“, рече дека нејзината организација слушнала од контактите во земјата дека болниците во моментов се борат со прилив на случаи. Таа посочи дека туркменистанските лекари од нејзината организација што живееле во странство биле во контакт со поранешните колеги во земјата, па ја знаат вистинската состојба и даваат совети.
Лекарите во Туркменистан, според неа, ѝ рекле дека во земјата тешко се доаѓа до кислород и респиратори, дека лечењето е скапо и дека од вирусот може да починат илјадници жртви.
„Туркменистан гори, гори од ковид. Понекогаш дури не ни примаат пациенти во болница, туку само ги испраќаат дома“, рече таа.
Според неа, официјалната причина за смрт во овие случаи не е наведена како корона, па дури ни пневмонија – наместо тоа, лекарскиот сертификат бележи некаква посебна состојба, како што е срцев удар, рече таа.
Кога здравствените работници се обидоа да зборуваат за реалноста на теренот, беа притиснати да молчат, според непрофитната организација Хјуман рајтс воч.
Во земјата, слободата на печатот и независниот надзор не се дозволени – Туркменистан е рангиран 178-ми од 180 земји и територии на Светскиот индекс за слобода на медиумите во 2021 година, веднаш над Северна Кореја и Еритреја. Според Хјуман рајтс воч, граѓаните што мирно ја критикуваат владата се соочуваат со строги казни, а има и извештаи за тортура и исчезнувања.
Странските жители исто така се погодени од ситуацијата во која Туркменистан го негира постоењето на коронавирусот на нејзина територија. Во јули 2020 година турски дипломат беше примен во болница со симптоми слични на коронавирус, но му беше одбиена дозвола за евакуација во неговата матична земја.
Според Би-би-си, неговата сопруга ги испратила рендген-снимките во турска болница. Тој починал на 7 јули. Официјалната причина за неговата смрт била срцев удар.
Повеќе авторитарни влади низ светот го признаа постоењето на коронавирусот и добија меѓународна помош, па се поставува прашањето зошто Туркменистан упорно одбива да го признае тоа.
И Мјатиев и Серебријаник велат дека претседателот, кој е стоматолог по професија и поранешен министер за здравство, наводно, сака да нагласи дека владее успешно за доброто на народот.
Серебријаник вели дека претседателот сака да се претстави како спасител на земјата и импресивен светски лидер, кој го држи ковидот надвор од дофат. Ако се признае дека постои смртоносен вирус, тоа ќе ја наруши идеализираната слика што претседателот ја создал за себе и ќе го остави отворен за критики и за потенцијална одговорност.






