Иако често се појавуваат вообичаени теми – како неподготвено доаѓање на испит, паѓање или губење заби – специфичните текстури на вашите соништа ви припаѓаат само вам. Но, што всушност влијае на нашите соништа?
Психолозите од Школата за напредни студии ИМТ во Лука, Италија, собраа повеќе од 3.300 извештаи за соништа и секојдневни искуства од 207 возрасни лица помеѓу 2020 и 2024 година, заедно со мерења на други когнитивни особини. За полесно да ја анализираат оваа огромна ризница на податоци, ангажирале програма за вештачка интелигенција за обработка на природен јазик кој ги распоредил извештаите на компоненти и ги категоризирал.
Преку детална анализа на податоците, тие откриле дека соништата ги интерпретираат елементите од секојдневниот живот, трансформирајќи ги обичните сцени и искуства во живописни, импресивни сцени. Овие трансформации варирале од личност до личност, но истражувачите успеале да пронајдат одредени шеми.
„Нашите наоди покажуваат дека соништата не се само одраз на минатите искуства, туку динамичен процес обликуван од тоа кои сме и низ што поминуваме“, објасни авторката на студијата Валентина Елче.
Луѓето кои биле склони кон талкање низ мислите имале поголема веројатност да ги доживуваат соништата како брзо менувачки, неповрзани вињети. Оние кои изјавиле дека соништата имаат поголема вредност, смисла и значење за нив, почесто пријавувале побогато и проникливо искуство на соништата.
Анализата на независен збир на податоци собрани за време на карантинот предизвикан од ковид во 2020 година откри како надворешните настани можат да ги обликуваат нашите соништа.
Истражувачите откриле дека соништата во овој период биле емоционално поинтензивни и тематски различни. Соништата за време на периодот на затворање имале тенденција да се фокусираат на теми за ограничувања и рестрикции, одразувајќи го социјалниот контекст на периодот, иако овие теми исчезнале со текот на времето.
Генерално, велат истражувачите, овие наоди сугерираат дека соништата се испреплетени од различните нишки на нашите лични особини, секојдневните рутини и поширокиот општествен контекст во кој постоиме. Со други зборови, не можеме да избегаме од реалниот живот – дури ни во соништата.






