четврток, 30 април 2026

Турција е најдолго пред портата на Европската Унија

Објавено на

часот

Сподели

Последниот годишен извештај на Европската комисија го потврди она што беше познато: пристапните преговори за влез на Турција во Европската Унија практично се блокирани и мали се шансите наскоро да бидат покренати од мртва точка.

„Владата во Анкара е одговорна за ерозијата на демократијата и владеењето на правото, бидејќи не ги прифати препораките на ЕУ од минатата година. Преговорите за влез на Анкара во Унијата практично се прекинати“, се посочува во последниот годишен извештај на Европската комисија, во кој се искажани најостри критики откако Турција ги започна пристапните преговори.

Во Брисел отворено се поставува прашањето дали Анкара е способна да ги исполни обврските што произлегуваат од полноправното членство во ЕУ, односно дали навистина сака да му се приклучи на „европското семејство“.

Ниту една земја досега не чекала толку долго за да ги отклучи портите на Унијата. Турција веќе пет години нема отворено ниту едно ново поглавје, додека многу од нив се под вето затоа што не ја признава Република Кипар, земја што е полноправна членка на ЕУ.

Анкара уште во 1964 година потпиша договор за приклучување кон Европската економска заедница, претходник на ЕУ, и стана кандидат за влез во Унијата на самиот крај на минатиот век. Преговорите за пристапување започнаа во октомври 2005 година и досега се завршени само за едно од 30-те поглавја. Односите со Брисел значително се влошија по обидот за пуч во 2016 година, за кој се осомничени турскиот имам Фетула Ѓулен, кој живее во Америка, и неговото масовно граѓанско движење „Хизмет“. По тоа започнаа масовни прогони на осомничените, кои сѐ уште траат. Повеќе од 60.000 граѓани беа приведени, 150.000 останаа без работа, а на нишан беа многу службеници, судии и јавни обвинители, политичари, новинари, па дури и активисти за човекови права. Во еден момент затворите беа претесни за да ги примат сите осомничени, па под изговор за борба против ширењето на короната, во кратка постапка беше донесена одлука за ослободување на 90.000 поситни криминалци.

Во Анкара ги отфрлаат критиките што доаѓаат од Брисел за прогон на политичките противници и објаснуваат дека на тој начин се борат против „Ѓуленовите терористи“.

„Последниот извештај на ЕК ги потврдува двојните стандарди на Европската Унија, а неоснованите критики што доаѓаат од Брисел ги отфрламе“, посочуваат во Министерството за надворешни работи. Истовремено, Унијата се обвинува дека не ги исполнува своите обврски кон Турција, особено кога станува збор за договорот за заедничко решение на проблемот со бегалците, кој беше склучен во 2016 година. Недостига и ветеното укинување на визите за турските граѓани, бидејќи Унијата очигледно се плаши од наплив на работници од Анадолија.

„И покрај неоснованите критики, ние ја одржуваме нашата стратегиска определба да станеме полноправна членка на Европската Унија“, соопшти МНР во Анкара.

Владата не сака да разговара за идеите на Париз и Берлин, кои предлагаат да се воспостави „привилегирано партнерство“ со Турција наместо полноправно членство. Власта постојано потенцира дека играат само на една карта – членство во ЕУ или ништо.

Турција ги започна пристапните преговори на истиот ден со Хрватска, која веќе осум години е полноправна членка на европското семејство. Како што минува времето, кај граѓаните се намалува првичниот ентузијазам за влез во Европската Унија, а оваа иницијатива сега ја поддржуваат помалку од половина од анкетираните Турци.

Еден пратеник пресметал дека Турција, ако го следи ова темпо, ќе стане членка на ЕУ во 22 век, ако воопшто и тогаш стане членка на ЕУ. Може да се слушне дури и идеја за распишување референдум за „туркегзит“, односно за официјален прекин на залудните преговори за да не се губи повеќе време. Се покренуваат и предлози Анкара да се сврти кон исток кон Шангајската организација за соработка, чии членки се Русија, Кина, Казахстан, Узбекистан, Киргистан, Таџикистан, Индија и Пакистан.

Нема ентузијазам – ако воопшто некогаш го имало – ниту во Брисел. Европскиот парламент усвои необврзувачка резолуција со која им се предлага на земјите-членки официјално да ги прекинат преговорите со Анкара бидејќи таа не ги спроведува демократските реформи. Во Брисел знаат дека Реџеп Таип Ердоган е тежок соговорник, но се свесни дека со него мора да се разговара, дека не треба да се турка на страна, бидејќи Турција е важен фактор на југоисточното крило на воената алијанса.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ