Голем број странски разузнавачки агенти на ЦИА се убиени, заробени или се свртеле кон конкурентските агенции, се вели во невообичаен и строго доверлив документ испратен до сите бироа низ светот, пишува лондонски Тајмс.
Контраразузнавачките фнкционери минатата недела предупредија дека десетици шпиони биле компромитирани или погубени во последните години, што, според изворите, претставува нагло зголемување на ваквите инциденти.
Протечениот документ вклучува голем број агенти убиени од странски агенции – доверлив детаљ што, како што наведува Тајмс, обично не се споделува во олку широко распространет допис. Целта била да се охрабрат бироата да ги подобрат заштитните протоколи и безбедноста, велат поранешни официјални лица.
Лошите разузнавачки вештини, прекумерната доверба во изворите, потценувањето на странските агенции и пребрзото регрутирање доушници беа истакнати како некои од причините за неуспешните мисии – проблем опишан во дописот како ставање на мисијата над безбедносните прашања.
Додека другите агенции за следење на ЦИА успешно го применуваат технолошкиот напредок, како што се биометриските скенирања, хакирањето и вештачката интелигенција, САД го задржаа фокусот на агентите градејќи мрежа од доверливи доушници, која, како што додава Тајмс, би требало да биде најдобра во светот во собирање и анализирање.
Потценување на противниците
Потврдувајќи дека регрутирањето шпиони во други земји е високоризична работа, дописот на ЦИА што протече во јавноста покрена прашања што ја мачеа агенцијата во последниве години, особено бидејќи ривалските разузнавачки служби во земји како што се Русија, Кина, Иран и Пакистан ги фаќаа доушниците на ЦИА, а во некои случаи и ги претвораа во двојни агенти, пишува Њујорк тајмс.
Предупредувањето, според оние што го прочитале, првенствено било наменето за службениците од „првата линија“ – луѓето што биле директно вклучени во регрутирање нови кандидати и проверка на извори, кажувајќи им на службениците да се фокусираат не само на регрутирањето, туку и на безбедносните прашања. Весникот додава дека регрутирањето нови доушници е начин на кој службениците добиваат унапредување.
Дописот, испратен во последната недела од септември, сугерира дека агенцијата ги потценила своите противници со уверување дека нејзините агенти и вештините за шпионирање се подобри од другите разузнавачки служби. Сепак, додава Њујорк тајмс, резултатите од студијата покажале дека земјите што се предмет на шпионирање од САД се исто така вешти во ловот на доушниците, додека вештините на агенцијата се ‘рѓосани по децениите фокусирање на терористичките закани и потпирање на ризични комуникациски системи.
Иако во писмото се идентификувани голем број доушници што биле уапсени или убиени, бројот на оние што се свртеле против САД не е целосно познат. Понекогаш, посочува њујоршкиот весник, доушниците што ривалските разузнавачки служби ќе ги откријат не се апсат, туку се ангажираат како двојни агенти, кои доставуваат дезинформации до ЦИА, велат поранешни официјални лица, додавајќи дека Пакистанците се особено ефикасни во тоа.
Во Иран и Кина некои разузнавачки службеници веруваат дека Американците им дале информации на агенциите што би можеле да помогнат да се откријат доушниците во тие земји. Моника Елфрид Вит, поранешна наредничка на воздухопловните сили, која избега во Иран, во 2019 година беше обвинета за давање информации на Техеран. Подоцна истата година, поранешниот службеник во ЦИА, Џери Чун Шинг Ли, беше осуден на 19 години затвор за оддавање тајни на кинеската влада.
Грешки од минатото
Дописот на ЦИА упатен до нејзините станици и бироа низ целиот свет ја одразува општата загриженост на агенцијата дека нејзините оперативци треба да посветат поголемо внимание на заштитата на своите агенти, истовремено признавајќи дека мора агресивно да регрутираат шпиони и доушници за да ја извршат својата разузнавачка мисија, објави Вашингтон пост.
ЦИА во последните години претрпе катастрофални упади во нејзините шпионски мрежи, каде што, според вашингтонскиот весник, агентите најверојатно биле откриени со пробивање во тајниот комуникациски систем на агенцијата преку кој таа комуницирала со агентите на терен.
Весникот наведува дека ЦИА почнала лов на „кртовите“ во 2011 година, откако еден доушник во Кина објавил дека тамошните власти ги откриле сите што ѝ помагаат на американската влада и дека потоа ги принудиле агентите да работат за нив. Осврнувајќи се на претходните грешки, дописот најверојатно требало да ги предупреди сегашните вработени да не ги повторуваат грешките од минатото.
Зборувајќи под услов на анонимност, луѓе запознаени со неодамна објавениот допис велат дека тој не бил поттикнат од какви било нови упади во шпионската мрежа, туку дека тригерот бил успехот на Пакистан во идентификувањето на голем број работници за ЦИА.
Во исто време, додава Пост, ЦИА е под нов притисок да регрутира и одржува ефикасни шпионски мрежи во Пакистан, по повлекувањето на САД од соседен Авганистан и преземањето на власта во земјата од талибанците. Поранешните официјални лица велат дека одржувањето мрежа од доверливи човечки ресурси ќе биде клучно за плановите на администрацијата на претседателот Џо Бајден за следење на терористичките закани без воено присуство на теренот, рекоа поранешни официјални лица.






