Првата цел беше стопирање на изборната кражба која Сојузната изборна комисија ја спроведе по налог на Слободан Милошевиќ, пишува Данас.
Имено, за недела 8 октомври СИК подготвуваше втор круг на претседателските избори, но ДОС, составена од 18 опозициски партии, ултимативно бараше Милошевиќ до четврток, 5 октомври во 15 часот да ја признае изборната волја на граѓаните.
„Ние во никаков втор круг не можеме да одиме, бидејќи со тоа ќе станевме соучесници во кражбата на гласовите. Измамата од првиот круг не може да се поништи со втор, петти или кој знае кој круг“, му порача Коштуница на Милошевиќ, укажувајќи на масовните протести и опасноста од избивање отворени конфликти во Србија.
Второто барање на здружената опозиција беше менување на генералниот директор, главниот уредник и уредничкиот колегиум на државната телевизија и промена на уредничката политика за да се овозможи објективно информирање на граѓаните за случувањата во Србија.
Исто така, ДОС бараше и пуштање на сите граѓани уапсени поради противење на режимот на Слободан Милошевиќ и изборната кражба.
Веќе за време на претпладнето на 5 октомври се слеаја илјадници граѓани на белградските улици. Стигнуваа од сите страни на Србија, и покрај блокадите и упорноста на Милошевиќ да истрае на „вториот круг“.
Признавање на поразот
По истекувањето на времето закажано за признавање на изборната кражба, околу 15:30 часот голема група незадоволни граѓани влегоа низ прозорец во зградата на Скупштината, додека полицијата со солзавец ги растеруваше луѓето собрани на платото пред зградата.
Неуспешно, бидејќи во 16 часот уште една група граѓани влегоа во парламентот, овој пат по скали, па на главниот влез од каде се повлекоа полицајците кои го чуваа преминот.
Следеа судири по околните улици, демонстрантите демолираа неколку полициски возила во Косовска улица зад парламентот.
Според информациите кои подоцна станаа јавни, командирот на белградската полиција околу 17 часот побарал разговор со претставниците на ДОС, а еден час подоцна и припадниците на полициската станица во блиската улица Мајка Јевросима го спуштија оружјето и дел се приклучија на демонстрантите.
Најжестоките судири беа во Таковска пред зградата на Радио-телевизија Белград (сега РТС). И таа зграда доцна попладнето беше запалена, а генералниот директор Драгољуб Милановиќ само благодарение на присебноста на дел од демонстрантите избегна линч.
Новоизбраниот претседател на СРЈ Војислав Коштуница им се обрати вечерта на граѓаните од терасата на Собранието на град Белград, и потоа и преку РТБ.
ДОС формираше Кризен штаб за клучните функции во земјата во координација со новиот претседател, а претставници на ДОС разговараа во текот на ноќта со шефовите на државната и јавната безбедност.
Утредента на 6 октомври Милошевиќ ѝ се обрати на јавноста и официјално го призна поразот на претседателските избори, па веќе на 7 октомври Коштуница ја даде претседателската заклетва.
Клучниот момент за успехот на протестите, но пред сè за избегнување поголем судир беше преминувањето на специјалните полициски сили на страната на демонстрантите.
Тоа преминување и денес е обвиено со тајна, единствено што сигурно се знае е дека ден претходно се сретнале Зоран Ѓинѓиќ и еден од неговите подоцнежни атентатори Милорад Улемек Легија и дека е постигнат договор специјалците да не се мешаат.
Во демонстрациите настрада Јасмина Јовановиќ (39) од Велика Плана, која падна под тркала на камион, а Момчило Стакиќ од Крупањ почина од последици на срцев удар.
Во немирите беа повредени 65 лица.
Мантра 6 октомври
Набрзо по губењето на сојузната власт, Социјалистичката партија на Србија изгуби и на републичките избори на 23 декември истата година, а Зоран Ѓинѓиќ по нив стана, како што тоа се вели првиот демократски избран премиер.
Во меѓувреме од 25 октомври 2000 до 25 јануари 2001 со Србија раководеше привремена влада на чие чело беше Миломир Миниќ (СПС), составена од СПС-ДОС и СПО.
До тогаш најголемата опозициска партија Српско движење на обнова на Вук Драшковиќ на септемвриските избори не беше дел од ДОС, иако ДОС беше создадена неколку месеци претходно токму на иницијатива на Драшковиќ и Ѓинѓиќ.
Зоран Ѓинѓиќ на 12 март 2003 година беше убиен и според мислењето на многу од активните учесници на 5 октомври, тогаш беа сопрени реформите.
Прашањето кое веќе на 6 октомври почна прво тивко, а подоцна сè погласно да се повторува, е токму тоа „каде е 6 октомври“, бидејќи критичарите тврдат дека лидерите на протестите го издале 5 октомври и неговите текови. Често, меѓутоа, се заборава каква Србија ДОС презема од црвено-црната коалиција СПС-СРС, целосно уништена, со празна државна каса, презадолжена, исклучена од сите меѓународни институции, раскарана со речиси цел свет, а особено со регионот кој сè уште ги лечеше воените рани.
По водството на Ѓинѓиќ Србија почна политички и економски реформи и изградба на институциите.
Со помалку или повеќе успех и неуспех тоа продолжи и подоцна, сè до големата смена на власта во мај 2012.
Иако 12 март може да се смета за денот на конечниот распад на ДОС, некои од политичките партии и лидери и во следните години беа дел од владејачката коалиција предводена од ДС.
Многумина поразот на 5 октомври го гледаат во коалицијата направена по изборите во 2008 година кога на Демократската партија ѝ се приклучи СПС, како дел од владејачката коалиција.
Ќе треба многу време, простор и добра волја на прашањето „каде е 6 октомври“ да се одговори рационално и точно и без сомнеж тоа некогаш ќе се направи и дури тогаш ќе може правилно да се валоризираат дострелите на 5 октомври.






