Работата стана толку чувствителна што пакистанската влада побрза да ги демантира гласините. „Потрагата по база е можеби желба (на Американците). Но не доаѓа предвид ним да им ги препуштаме базите. Мораме да водиме сметки за сопствените интереси“, кажа шефот на дипломатијата Шах Махмуд Куреши во едно интервју.
Дека не станува збор само за гласини зборува и посетата на директорот на ЦИА Вилијам Барнс на почетокот на јуни. Според медиумите, неговото доаѓање во Исламабад останало без резултат. Пакистанците се решени да не дозволат американска воздухопловна база на свое тло.
Стотици цивили како жртви на американските дронови
„Американските бази се гледаат како удар врз пакистанскиот суверенитет“, вели за Дојче веле Торстен Војчевски од Кралскиот колеџ во Лондон, особено бидејќи во Пакистан владее антиамериканско расположение. „Покрај тоа американските бази би го заостриле конфликтот со исламските фундаменталисти и терористичките групи во Пакистан, и би имале негативно влијание врз стабилноста на земјата“, кажа експертот за Азија.
Пакистанците не се без причина скептични кон Соединетите Држави. Според британската Канцеларија за истражувачко новинарство (БИЈ), меѓу 2008 и 2015 година во американски напади со беспилотни летала во Пакистан настрадале најмалку 424, а најмногу 969 цивили.
Може да се претпостави дека Американците од Пакистан бе летале и во напади со дронови во соседен Авганистан. Според БИЈ, таму од 2015 до 2020 година имало 13.000 американски напади со дронови. Наводно настрадале околу 900 цивили. Според тврдењата на Пентагон, минатата година во тие акции биле убиени дваесетина цивили.
Летовите би биле тајни
Во Вашингтон се плашат од јакнење на терористичките групи по повлекувањето на меѓународните трупи од Авганистан. Командантот на американските сили во тој дел од светот Кенет Мекензи во едно интервју призна дека Пентагон работи на тоа да ја задржи „способност да ги продолжи операциите“ против Ал каеда и Исламска држава.
Војчевски вели дека попуштањето на Пакистан пред американските барања тешко би ги оптеретило односите со Иран, но пред сè со Кина. „Кинеското раководство воените бази во соседната земја би ги сфатило како дел од американската стратегија на сузбивање“, вели тој, користејќи го изразот „containment policy“. Таа политика Американците ја применуваа во Студената војна за да го сузбијат влијанието на Советскиот Сојуз.
Нејасно е дали Американците имаат резервна варијанта, доколку Пакистанците останат на своето „не“. Како што кажува Ендрју Воткинс од Меѓународната кризна група, „во Вашингтон интензивно се дебатира“ за военото присуство во Пакистан. Тука не се мисли на копнени трупи. „Станува збор за одржување на способноста да се води војна со дронови или вообичаена авијација“, објаснува Воткинс.
„Бидејќи во Пакистан тоа е спорно, тие операции би се изведувале тајно – под услов Исламабад воопшто да се согласи. Повеќето од нас за тие операции би дознале дури години подоцна“, истакнува тој.






