Чави го доби првото засилување, Барселона потпиша со Дани Алвеш. 38 годишниот Бразилец попладнево беше промовиран пред околу 10.000 навивачи.
Запрашан каква ќе биде неговата улога дали ќе биде резерва, тој порача: „Не бев роден за да бидам втор, роден сум да бидам прв. Тука сум да се борам, не сум дојден да бидам турист или да живеам во Барселона. Дојдов да играм и да се борам за место во тимот. Не сум тука поради тоа што испишав историја во дресот на Барса или поради тоа што сум пријател со Чави. Со мојата работа и труд ќе се обидам да дадам допринос. Годините се само бројка, го докажав тоа на Олимпијадата. Луѓето ќе го очекуваат најдоброто од мене, а јас ќе одговорам како и секогаш“.
Медиумите и минатиот месец пишуваа за можно враќање на Дани Алвеш, но тогаш Жоан Лапорта негираше дека Бразилецот одново ќе го облече дресот. Сепак, со доаѓањето на Чави на клупата, работите се променија.
„На претседателот јасно му ставив до знаење дека сакам да се вратам, клубот ми даде се. Не чувствував обврска, едноставно сакав да помогнам. Одлуката на крајот падна на Чави. Ми се јави и ми кажа дека смета на мене“.
„Кога сакате нешто, го остварувате тоа без разлика колку ќе заработувате (Бразилецот ќе биде фудбалерот со најмала фиксна плата во првиот тим), каква ќе биде вашата плата… Секако дека треба да го издржувам семејството, луѓето за кои се грижам, но сега не е време да мислам на тоа, сега е време да мислам само на тоа како да и помогнам на Барса. Се друго е во втор план“.






