Ако некој знае како да се облече за екстремен студ, тоа го знаат жителите на Јакутск, главниот град на руската република Јакутија на североистокот на Сибир. Тој град е толку студен што тешко е да се поверува дека некој таму доброволно сака да живее, пренесува Пункyфер.
Температурите што редовно паѓаат под 50 степени Целзиусови му ја донесоа на Јакутск титулата најстуден голем град во светот.
Во градот кој се наоѓа околу 450 километри јужно од Арктичкиот круг, почвата е студена дури и во лето, кога температурите можат да се искачат до 30 степени или повеќе, додека во зима, само 15 минути на ниска температура можат да предизвикаат бројни проблеми, како што се опасни смрзнатини.
Совет од прва рака
„Најниската забележана температура изнесуваше -71 °C, и покрај екстремниот студ, го сакам ова место со сето срце. Јакутија е скриен бисер со неверојатна природа, богата култура и посебни луѓе“, изјави Киун, која ги споделува своите искуства од северот со своите следбеници и покажува како луѓето живеат во сурови услови – и во исто време уживаат во животот.
Едно од вечните прашања е како да се облечете за студот. Облекувањето на далечниот север не е прашање на мода, туку на заштита на сопственото здравје, што е од витално значење.
Клучот е да се облекувате во слоеви, бидејќи повеќе тенки слоеви ја задржуваат топлината поефикасно од еден дебел.
Облеката не треба да биде тесна, бидејќи воздухот меѓу слоевите им помага на луѓето да не замрзнуваат. Главата, рацете и стапалата се најчувствителни на студот и затоа им е потребна посебна заштита.
Избрани материјали
Во Јакутск, знаат дека топлата облеката, волната и крзното се неопходни бидејќи ја задржуваат топлината, за разлика од памукот.
Киун на студено време носи издржливи, дебело поставени панталони кои се носат преку хеланки и волнени штитници за колена, како и два пара чорапи – обични и оние од влакно од камила. Обичните зимски чизми во ледени услови не се доволни, па се препорачуваат посебни чизми наменети за екстремно ниски температури, со дебел ѓон кој е изолатор од замрзнатото тло и внатрешност прекриена со крзно или филц.
Надворешниот слој штити од екстремен студ, ветер и снег, па затоа јакните во северна Европа се екстремно дебели, обложени со вистинско крзно, особено околу качулката. Тие обично се долги, често до колена, за да обезбедат дополнителна заштита за телото. Некои жени штедат со години за крзнени палта и капути што чинат и до 17 илјади евра, но им овозможуваат да имаат полесни зими.
Рацете се заштитени во повеќе слоеви – прво со тенки ракавици, а преку нив се носат многу дебели ракавици или крзнени ракавици без одвоени прсти, бидејќи оваа форма подобро ја задржува топлината.
Ако се најдете во Јакутск во зима, најчесто ќе ги забележите само очите на луѓето, бидејќи тие често носат маски што им го покриваат носот, устата и образите.






