петок, 24 април 2026

Жалење за трагичниот настан во Кисела Вода од градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска – повика да не се политизира случајот

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска – Трајкоска изрази длабоко жалење за трагичниот настан што се случи на територија на општината, при што едно лице го загуби животот, а три лица се повредени.

Објавено на

часот

Сподели

. Градоначалничката, како што се наведува во општинското соопштение, упати сочувство до семејството на починатиот и посака побрзо закрепнување на повредените, но и повика да не се политизира случајот, туку да им се остави простор на надлежните институции да си ја завршат работата.

„Во врска со трагичниот настан што се случи на територија на Општина Кисела Вода, изразуваме длабоко жалење за загубата на човечки живот и сочувство до семејството на починатиот. Безбедноста на граѓаните и работниците е апсолутен приоритет и не смее да биде предмет на политички поени“, нагласи градоначалничката.

Таа информира дека во овој момент, надлежните институции постапуваат и во тек се проверки за утврдување на сите околности поврзани со настанот и додаде дека Општината целосно соработува со институциите и ќе постапи согласно сите наоди и препораки.

„Ја разбираме загриженоста на јавноста, но апелираме на одговорност и воздржаност од изнесување непроверени информации и политизација на случајот. Ваквите ситуации бараат сериозен и институционален пристап, а не дневнополитички реакции“, нагласи Стаменкоска – Трајкоска.

Градоначалничката додаде дека Општината е отворена за дискусија во рамки на институциите, но одлуките мора да се темелат на факти и стручни анализи, а не на претпоставки.

„Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите релевантни информации, веднаш штом тие бидат официјално потврдени. Нашиот приоритет останува јасен – заштита на граѓаните, почитување на законите и одговорно постапување во интерес на јавноста“,  истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Еден градежен работник загина, а тројца се тешко повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода, информираше претходно  докторот Драган Панов, шеф на смена во Итна медицинска помош – Скопје.

Докторот Панов изјави дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но, увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата. Жртвата, како што рече, според првичните информации, е на 34-годишна возраст.

„Интервениравме со четири амбулантни возила“, рече доктор Панов.

Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека изутринава во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улицата „Козјак“ во Скопје при ископ на темели со земја биле затрупани тројца работници.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на  местото на настанот, на локацијата во Кисела Вода и издаде наредба за обдукција на починатиот.

„Во насока на испитување на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа постапуваат и Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор“, информираат од Обвинителство.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ