„Причините за ваквата кампања, според нашето мислење, се повеќеслојни. Од една страна, Грција се соочува со сериозен демографски пад и недостиг од население. Од друга страна, во однос на нас, потомците на Македонците од Егејска Македонија, сметаме дека се следи политика која има свои историски корени уште од крајот на XIX и почетокот на XX век, кога се водеше жестока борба за придобивање на ‘душите и телата’ на Македонците со цел нивно прикажување како дел од сопствениот етнички корпус. Денес, според нас, таа политика продолжува со поинакви средства. Бугарија започна порано, а Грција деновиве активно се вклучува со ваква кампања!
Тоа значи дека она што денес некои го прават од економски и други лукративни причини за стекнување бугарско државјанство, ние, т.н. Егејци, сме можеле да го направиме уште од 1982 година. Но, голем дел од нас останаа доследни на својата чест, гордост и достоинство. Затоа не е случајно што често се вели дека сржта на современиот македонизам се токму Егејците!
Ги повикуваме сите наши сонародници добро да размислат пред да донесат вакви одлуки. Не дозволувајте да се гази достоинството на вашите предци, а подоцна, како што денес слушаме во многу други случаи, да следуваат оправдувања дека ‘не сме знаеле’ или ‘сме биле лошо информирани’!
Конечно, сметаме дека и македонската држава треба да преземе конкретни мерки и да отвори сериозна дебата за прашањето на двојното државјанство со соседните држави, водејќи сметка за националните интереси и долгорочните последици.
Егејот е душата на Македонија“, се вели во реакцијата на здружението В’мбел Егеј.