Во реакцијата тие предупредуваат дека ваквиот пристап е спротивен на основните принципи на Европската повелба за правата на пациентите, особено на правото на пристап до здравствена услуга, слободен избор на лекар и установа, информираност, навремен третман и квалитетна здравствена заштита.
Според нив, контролата и стручниот надзор се неопходни, но не смеат да се претворат во административна бариера што ќе ја одземе одлуката од пациентот, неговото семејство и лекарот кој директно го води лекувањето.
„Нашето искуство покажува дека ваков модел не е решение. Слична комисија постоеше пред дваесетина години и беше извор на субјективни, нетранспарентни и коруптивни одлуки од личен интерес. Наместо да го заштити пациентот, таа го ставаше неговото здравје под ризик. Многу пациенти не ја дочекаа потребната согласност за операција, а одложувањето честопати имаше фатален исход. Во кардиоваскуларната медицина времето често значи живот. Секое дополнително чекање, секое административно одобрување и секоја нова процедура може да има фатални последици“, велат од Здружението.
Кардиоваскуларните пациенти сметаар дека ваквата комисија нема да функционира.
„Со тоа ќе создаде дополнителна административна бариера во ситуации кога е потребна брза медицинска одлука, ќе го ограничи правото на пациентот да избере лекар, клиника и установа во која има доверба, ќе ја намали одговорноста на конкретниот лекарски тим и ќе ја префрли одлуката на тело кое не ја носи директната клиничка одговорност, ќе отвори простор за субјективни, политички, институционални или лични влијанија врз одлуките, ќе ги казни и успешните установи кои со години покажуваат резултати, наместо системот да ги користи нивните капацитети за доброто на пациентите и ќе ја врати практиката на чекање, неизвесност и молење за потпис, наместо системот да обезбеди навремена, квалитетна и достапна услуга“, велат од „Здрава иднина“.
Тие потсетуваат дека сличен модел постоел пред дваесетина години и, како што велат, бил симбол на нетранспарентност, субјективни одлуки и коруптивни влијанија. Наместо заштита на пациентите, тогашниот систем, според нивното искуство, доведувал до доцнења во одобрувањето операции, а дел од пациентите не ја дочекаале потребната интервенција.
Во реакцијата се нагласува дека состојбата денес е значително подобрена во споредба со минатото – зголемен е бројот и квалитетот на кардиоваскуларните операции, намалени се листите на чекање, а пациентите имаат можност за второ и трето мислење и избор меѓу државни и приватни установи.
Затоа тие бараат Министерството за здравство да воспостави транспарентен систем на стручна контрола, јасни критериуми и отчетност за пропустите, но без ограничување на правото на пациентите сами да изберат каде и како ќе се лекуваат.
„Пациентот не смее да биде заложник на системот. Пациентот мора да биде во центарот на системот“, порачуваат кардиоваскуларните пациенти, апелирајќи да не се носат решенија кои, според нив, ќе го вратат здравството две децении назад.






