сабота, 25 јули 2026

Заминува ли „Преспав“ без поздрав со македонската ТВ-публика?

Телевизиската серија „Преспав“, првиот македонски ситком, кој по бројот на сезони и снимени епизоди, а и популарноста, достојно им парираше на турските серии кои речиси две децении го форматираат македонскиот телевизски т.н. играно-забавен простор – е под голем ризик да замине „без поздрав“ со македонската публика.

Објавено на

часот

Сподели

Наместо да произведуваме, ние уништуваме, велат од продикциската куќа ОХО по барањето од МРТ за три дена да се испразни студиото каде што е поставена сценографијата за оваа серија.

Последната, седма сезона на „Преспав“, македонската публика имаше можност да ја гледа пред две години. Серијата се снимаше во копродукција на „ОХО“ и Македонската радио-телевизија.

Деновиве, продукцијата „ОХО“ упатува јавна понуда до МРТ за снимање нова сезона од „Преспав“, како и новогодишна програма, но од националниот радиодифузен сервис не добиваат никаков одговор.

Јавно им нудиме на МРТ да снимаме нова осма сезона на ‘Преспав’, која веројатно ќе биде и финална. Исто така би снимиле и новогодишна програма, како и во минатите четири години. Но немаме одговор од МРТ, иако сценографијата за ‘Преспав’ е во нивното студио и подготвени сме да работиме. Имаме и спонзори и стандарната екипа е подготвена за соработка. Досега се снимени 7 сезони и над 150 епизоди, четири новогодишни програми и докажавме дека можеме да продуцираме премиум содржини. Со досегашната соработка со јавниот сервис, верувам дека заслужуваме пореспектабилен однос“, вели Пеце Талески, продуцент и креативен директор на „ОХО“.

Редакцијата на МКД.мк се обрати со новинарско прашање до дирекцијата на Македонската радио-телевизија, за нивните програмски планови, односно размислувања за продолжување на соработката со продукцијата „ОХО“ за финалната сезона на „Преспав“. Но до објавување на текстот, не добивме одговори од јавниот сервис.

Оваа година, по речиси децениско статус кво, Македонската радио-телевизија доби ново раководство, кое всушност сè уште е во процес на доекипирање. Пред три месеци, во април годинава, Зоран Ристоски беше избран за директор на МРТ, а неодамна (пред десетина дена), Џулијан Шабани беше избран за заменик директор на јавниот сервис. Во јавноста, јавниот сервис е често под критика дека програмските содржини се потпираат најмногу на соработка со надворешни продукции, па неофицијално (во истата „јавност“) се зборува дека новото раководство размислува и работи за враќање на сопствената продукција во МРТ.

Учесниците во проектот за „Преспав“: Серијата заслужува да го затвори кругот на приказната

Сашо Кокаланов – сценарист

Како еден од авторите на „Преспав“, можам само да изразам жалење ако една успешна приказна од македонскиот етер, една важна референца од македонската популарна култура, остане недоречена. Низ годините, оваа серија прерасна во нешто многу поголемо од класичен телевизиски „производ“. Таа стана содржина со која израснаа цели генерации и чии ликови и мнемонички реплики станаа дел од нашата колективна меморија. Се надевам дека не е патетично ние самите да зборуваме за значењето на „Преспав“, веројатно најдобро е да се праша публиката. Тоа што без лажна скромност може да го кажеме е дека овој ситком, пополни етна голема празнина во македонскиот јавен простор, не само жанровски, не само драмски, туку и затоа што на еден суптилен начин преку хуморот отвораше важни теми од нашето општество и постави едно огледало на сите нас. Ние како авторски тим, заедно со продукцијата, веќе интензивно ја подготвувавме новата сезона, која практично треба(ше) да биде еден вид големо финале со кое сака(в)ме да ја заокружиме оваа фина македонска телевизиска приказна. Без оглед на епилогот, студио може да се збрише, но не може да се избрише тоа дека „Преспав“ останува феномен кој трајно го промени македонскиот медиумски простор.

Јелена Јованова – актерка

„Преспав” е прв модерен македонски ситком, кој го редифинира начинот на кој публиката го конзумира и перцепира нашиот менталитет, бирократија, политика, односот едни према други.

„Преспав” не е само телевизиско шоу.  „Преспав” е терапија, оаза на хумор со кој сето гореспоменато полесно се преживува, прифаќа, надежно и менува.

Не постои сѐ уште ништо што било погледано и понасушно за толку голем дел од популацијата. Пораките и прашањата ‘кога ќе има следна сезона’ се секојдневни и навистина ќе биде штета и тажно ако не ја заокружиме приказната. Проектот е уживање и за нас, и за публиката.

Игор Ангелов – актер

Проектот „Преспав“ за мене буди секогаш убави мисли и спомени. Тоа е  проект што обележа една важна фаза од мојот професионален развој, но мислам дека не е важен само за мене – туку за целокупниот културен амбиент во Македонија. Еве и ден-денес, долго време по последната сезона, луѓе ме сретнуваат на улица и ме препознаваат по ликот од „Преспав“ – Коста. Но поважно е тоа што ме прашуваат – кога ќе има продолжение, кога ќе има нова сезона. Дефинитивно, тоа е проект што обележа една фаза – и моја лична, но и на телевизиската продукција во Македонија, а не е нескромно ако се каже и на македонското општество. Смеата и хуморот се многу битни, како за квалитетот на телевизиската програма, така и за духот на нацијата. Мене „Преспав“ ми значи многу. Тоа што запре на чуден начин, како да остана некаква празнина. Имам чувство дека сè е добро, но како да недостасува еден битен сегмент, како да не е завршен проектот. И тоа чувство не можам да го задржам, а да не го споделам. Се надевам  дека ќе се најде сила, енергија да се заврши тоа што е почнато. Дефинитивно на општество, во кое реалноста е преполна со неубави вести и настани, му е потребен проект како „Преспав“, за луѓето да можат да се наполнат со позитивна енергија. А тоа ни е потребно на сите нас.

Тијана Дапчевиќ – актерка

На сите ни недостасува „Преспав“, особено зашто како да остана некое чувство на празнина дека кругот, приказната не се затворени. Не сме снимале нова сезона веројатно 2-3 години, но останата ми е некако потсвесно таа увереност дека ќе се собереме да ја заокружиме приказната на „Преспав“ . „Преспав“ за мене и за целата екипа беше големо училиште сите седум години додека снимавме. Сите заедно бевме „фрлени“ во нешто ново, првпат во Македонија се работеше телевизиски ситком, се снимаше брзо, квалитетно и сериозно се работеше. Но и со голема радост. Ја имавме таа среќа, што продукцијата ОХО се охрабри да влезе во таква телевизиска авантура и за сите седум години додека работевме не се случи ниту еден курцшлус. Во секој случај, „Преспав“ за мене беше голема шанса за да се реализарам во еден различен сценски уметнички израз, но и да работам со професионални актери, од Македонија и од регионот. „Преспав“ ѝ даде нов модерен израз на македонската ТВ-продукција и заслужува барем уште една сезона да го затвориме кругот на приказната.

J.Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ