недела, 19 април 2026
На судење во Основниот кривичен суд Скопје

Вознемирувачки снимки на кои се гледа како Стојанче ја тепа Ивана беа презентирани денес во судница

Вознемирувачки докази беа презентирани пред судот во процесот против Стојанче Јовановски, со кои Обвинителството се обидува да докаже дека тој со години ја малтретирал сопругата Ивана Јовановска и ја довел до трагичниот чин во кој животот го загуби и нивната малолетна ќерка Катја Јовановска.

Објавено на

часот

Сподели

Во судница беа презентирани видео снимки на кои, според Обвинителството, се гледа како Јовановски и удира шлаканица на Ивана во присуство на сведокот Мартин Саздов. По инцидентот, Ивана повикала полиција, по што на лице место пристигнале службеници, разговарале со присутните и си заминале.

На снимката се гледа како Ивана стои во ходникот од семејниот стан, видно вознемирена, плаче и со рацете се обидува да се заштити. Таа му се обраќа на својот сопруг со зборовите: „Не ме удирај веќе“, додека тој продолжува со навреди и понижувачко однесување. Во еден момент, таа го прашува зошто ја удира, држејќи се со левата рака во пределот на бубрезите.

Понатаму, обвинетиот се обидува да излезе од станот, но жртвата го спречува, барајќи заедно да ја почекаат полицијата.

„Сега се јавив да те пријавам за семејно насилство, не бегај“, му вели таа, додека тој реагира со смеење и имитација.

Таа неколкупати повторува: „Дрогата ти го исуши паметот, Стојанче“.

По одреден дел од видеото, обвинителката Бојчевиќ предложи негово прекинување, образложувајќи дека во продолжението се слушаат навреди и пцовки. На тоа реагираше обвинетиот, барајќи снимката да биде прикажана до крај.

„Се изнаслушавме пцовки на ова судење, сакате уште да слушате?“, изјави обвинителката, на што обвинетиот возврати со смеење. Поради ваквата расправија, судијата Ивица Стрфановски ги опомена двете страни.

Обвинителството презентираше и вешт наод од психијатар и психолог, според кој психичката состојба на Ивана била сериозно нарушена како директна последица на долготрајно семејно насилство.

Во доказната постапка беа вклучени и документи – договор за дарување на стан, обдукциски извештаи, како и наоди од Центарот за социјални работи, со цел да се поткрепи тезата дека обвинетиот ја навел сопругата кон самоубиство.

Стојанче Јовановски се товари за три кривични дела: насилство и телесни повреди, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ