петок, 5 јуни 2026

Во Европа има околу 30.000 мини хидроцентрали

Малите хидроцентрали, како извори на електрична енергија со минимум влијание врз животната средина, се исклучително податливи за подобрување на енергетскиот систем на секоја земја, која што има природни ресурси и можности тоа да се реализира.

Објавено на

часот

Сподели

Во развиена и демократска Европа, постојат околу 25.000 мини хидроелектрани (МХЕ), додека на европскиот континент во кој спаѓа и Балканот, бројката се искачува до 30.000. Огромното мнозинство од овие електрани се изградени во Германија, Италија, Франција, Шведска и Шпанија.

Официјалните податоци од 2010 година, кога и започна вистинскиот бум на изградба на мини хидроцентралите, покажуваат дека тогаш имало 21.387 електрани и план да се изградат уште 8.785. Од нив, речиси половина се изградиле или треба да се изградат на Балканот и Источниот Медитеран, каде што голем дел од електраните се финансирани од наменските фондови на Европската унија. За тоа какво е нивното влијание врз животната средина има многу полемики, особено во последните три до пет години, но за жал, последиците не може целосно да се проценат затоа што официјални станици за следење, во близина на хидроелектраните, се ретки. Оттука, се наметнува потребата во иднина фокусот да се стави на нив, со цел состојбата на терен да се подобри.

Во меѓувреме, изградбата на мини централи во Европа не стивнува, а разбирливо е дека постојниот хидроенергетски капацитет варира во различни делови на континентот, во зависност пред сѐ, од водните ресурси, од природната поставеност на теренот, како и од националната енергетска потреба на секоја земја одделно. Во Европа, на ова поле имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот и алпскиот регион, водечки се три држави: Италија, Франција и Германија, потоа како земји во кои во голема мера се користат можните хидро-капацитети следуваат: Норвешка, Швајцарија и Австрија.

Кога станува збор за нашиот регион, карактеристично е што изградбата особено на мини централи  на почетокот беше пречекана со големо „добредојде“, за последните години да донесе организирани протести, активирање на невладиниот сектор, финансирање на проекти поврзани со еколошките влијанија од какво и да е нарушување на природата, со цел изградбите да се запрат. Оваа пракса придонесе многу држави да се соочат со проблемот како да се справат со напливот на оркестрирани негативни односи кон изградбата на малите хидроцентрали кои истовремено го ставаат и бизнисот и економскиот развој  во многу неповолни состојби.

Одобренијата за отпочнување на ваков вид инвестиција се целосно во согласност со постоечките закони за градба, во државите во Балканскиот регион и за истите да се обезбедат, мора да се исполнат соодветните законски барања. Од друга страна, ситуацијата на терен е сложена, комплексна и неизвесна и потенцијалните инвеститори се доведени во заблуда и проблеми. Доколку се гради се иницира проблем со невладините организации и активистите, доколку не, се губат огромни средства кои ги доведуваат и нив, но и државата во проблем околу негово решавање, а решение на повидок нема. Зошто се иницира проблем наместо да се седне и да се најде решение? Има ли ваквиот однос некаква заднинска приказна? Прашања на кои, барем засега, нема одговор.

Во меѓувреме, малите хидроцентрали (МХЕ) во регионов, се мошне присутни, плановите за нив, како и нивната изградба се во тек, а водечки земји, за овие објекти за обновлива енергија се: Словенија, Босна и Херцеговина, Албанија и Србија.

Словенија има најголем број на мали хидроелектрани што работат со капацитет под 1 MW, пред  сѐ поради исклучителната речна мрежа, карактеристична за оваа земја. Босна и Херцеговина преставува еден вид регионален центар за развој на МХЕ, а стотици мали централи се изградени во текот на последната декада.  Во соседна Србија овој вид на производство на енергија  сѐ уште не е на највисоко ниво, но покрај повеќе од десетиците електрани кои моментално работат, многу повеќе се во план или во тек на изградба. Овој вид на производство на електрична енергија е сѐ поприсутен и во соседна Албанија.

Дали треба да се гради, или подобро речено, зошто на регионот му се потребни мини хидроцентралите, одговорот лежи во фактот што тие се исклучително значајни за транзицијата кон чиста енергија. Секогаш има нешто или некој што е против, но доколку на вагата доминира она што е „за“, тогаш прашањето е: кому му е во интерес да натежне ставот којшто е негативен.

Зошто „да“ за малите хидроцентрали? Затоа што преку нив се обезбедува обновлива енергија со низок еколошки отпечаток, затоа што имаат голема предност при обезбедување на одржлива електрична енергија до оддалечените населени места без менување на екосистемите и без суштинско нарушување на животната средина и затоа што помагаат во обезбедување на енергетска независност на земјата.

Р.М.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ