петок, 26 јуни 2026

Власта и опозицијата се скараа за Законот за основно образование

Во Собранието заврши општиот претрес на измените на Законот за основно образование. Потпретседателката Весна Бендевска рече дека пратениците дополнително ќе бидат известени кога ќе се гласа за оваа точка, на што реагираше координаторката на Европскиот фронт, Рина Ајдари од ДУИ. Таа праша зошто не може да се гласа, кога има кворум. Притоа побара да се утврди бројот на пратеницитете во салата и законските измени да бидат ставени на гласање или, во спротивно, како што напомена, да биде дадена пауза од еден час. Расправата помина во жестока дебата меѓу власта и опозицијата денеска во Собранието за измените на Законот за основно образование.

Пратениците од опозицијата реагираа дека законското решение е направено без дебата и стручно мислење и дека со него нема да се решат проблемите, туку ќе се продлабочат. Пратениците од власта уверуваа дека нема да има отпуштања на наставници и нема да се намали квалитетот на наставата.

Објавено на

часот

Сподели

Во Собранието заврши општиот претрес на измените на Законот за основно образование. Потпретседателката Весна Бендевска рече дека пратениците дополнително ќе бидат известени кога ќе се гласа за оваа точка, на што реагираше координаторката на Европскиот фронт, Рина Ајдари од ДУИ. Таа праша зошто не може да се гласа, кога има кворум. Притоа побара да се утврди бројот на пратеницитете во салата и законските измени да бидат ставени на гласање или, во спротивно, како што напомена, да биде дадена пауза од еден час.

Бендевска објасни дека се повикала на првиот став од член 70, според кој, претседателот може, по расправата, да утврди дека дебатата завршила, а за гласањето пратениците да бидат дополнително известени.

„Вашите аргументи не држат. Ќе се навратам на член 101 од Деловникот, според кој, Собранието може да одлучи ако е присутно мнозинството пратеници. Барам да бидат избрoени пратениците и точката да ја ставите на галасање. Барам еден час пауза ако тоа не го направите“, потенцира Ајдари.

Во текот на расправата за законските измени за основното образование, владејачкото мнозинство и опозицијата ги спротивставија ставовите. Според првите, со законските измени ниту еден наставник или професор нема да биде отпуштен од работа, а целта на новото решение е поквалитетно образование со рационална организација на севкупната училишна мрежа во државата, преку оптимизацијата на школите, без притоа да се затвораат паралелки. Опозициските пратеници, пак, обвинија дека со законските измени ќе се затворат училишта и ќе се отпуштат наставници и професори, но ќе се направи и дополнителна централизација.

Како што оцени Благој Бочварски од СДСМ, овие законски измени не се никаква реформа, а тоа што ја нема министерката за образование на седницата да го образложи законот, кажува многу.

„За измените беше неопходна широка јавна дебата во која ќе се вклучат сите засегнати страни, посебно градоначамниците, директорите на училиштата, наставниците и професорите. Велите, ќе правите децентрализација преку рационализација, а всушност општините ќе плаќаат повеќе за плати на професорите и наставниците, додека централната власт ќе има повеќе ингеренции. Ова не само што не е децентрализација, туку е дополнителна централизација. Се зголемуваат надлежностите на Министерството за образование, а се намалуваат на градоначалниците. Од наредната година постепено ќе се намалуваат блок-дотациите за општините за платите на професорите и наставниците и кога ќе немаат пари за плати, ќе почнат да ги отпуштаат согласно овие законски измени. Ова не е никаква реформа. СДСМ е против и ќе се спротивстави на затворањето училишта. Ние сме и против бркањето професори од работа“, истакна Бочварски.

Реплицираше Каролина Насковска од ВМРО-ДПМНЕ, според која, оптимизацијата на школите е неминовна кога бројот на ученици се намалува.

„Со законските измени, учениците се згрижуваат во најблиското училиште, а секој објект се пренаменуа, на пример, во градинка. Наставните, пак, кои ќе останат технолошки вишок, ќе бидат прераспределени како образовни асистенти со полна наставничка плата. Тоа се прави за да се премости овој перод, зашто следната учебна година 2.200 наставници на ниво на Македонија, ќе одат во пензија. Не ги плашете луѓето, доволно ги испомешавте работите во образованието“, објасни Насковска.

И нејзиниот сопартиец Душко Иванов му реплицираше на Бочварски. Потенцира дека со законските измени отпуштање од работа нема да има ниту од едно основно и средно школо. Тој се осврна на ОУ „Гоце Делчев“ – Штип, училиштето кое претходно како пример на „затворање“ го посочи Бочварски.

„Во ОУ Гоце Делчев – Штип веќе четири години не се запишани 60 деца. Годинава само 20 деца се запишани, а до ова школо, на еден километар оддалеченост, има уште две основни училишта. Според анализата, 76 вработени има во ОУ Гоце Делчев и од нив, во текот на постапката за затворање на училиштето, 20 ќе се пензионираат за пет години. Во сите, пак, основни и средни школи во општина Штип, 86 наставници ќе се пензионираат. Или не сте упатени во проблемите или зборувате невистини“, му рече Иванов на Бочварски.

Дафина Стојаноска напомена дека овој закон е за пофлексибилно и поефикасно формирање паралелки, за превенција и спречување насилство во училиштата и за децентрализација.

„Се дава поголема улога на градоначалникот. Немојте да ги заплашувате наставниците и кадарот во образованоието дека ќе останат без работа. Милион пати министерката повтори дека тоа нема да се случи. Покажувате лажна грижа и ширите паника, додека оваа Влада ги исправа вашите грешки“, нагласи Стојаноска.

И според Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден наставник со оптимизацијата на ушилиштата, нема да остане без работа.

„Зошто го заплашувате народот и правите терор врз наставниот кадар? Проблемот не е од денес, туку е предизвикан во ваше време. Велите, законските измени се погрешни, а не понудивте решение“, подвлече пратеничката.

Рина Ајдари оцени дека проблемот не е во потребата за оптимизиација, туку во начинот како таа се спроведува. процесот е избрзан и нејасен, особено за наставниците.

За збор се јави и Оливер Спасовски од СДСМ, нагласувајќи дека ова законско решение не е на Владата, туку на неколку пратенички од ВМРО-ДПМНЕ.

„Законското решение се претставува како сериозна реформа на образовниот систем, а е поднесен за донесување по скратена постапка зашто, како што е наведено во образложението, не е сложен и обемен. Не може да е реформски, а да не е сложен и обемен, не може да правиме големи реформи, а да нудиме само четири одредби. Оваа ваша наводна реформа е погубна за Македонија и за образоваието“, рече Спасовски.

Според Сања Лукаревска од СДСМ, со реформата ќе се сведат наставниците на подобни и неподобни и наместо подобрување на квалитетот на наставата, ќе се намали квалитетот и ќе се засили иселувањето во иднина.

Нејзината колешка Даниела Николова рече дека предложените измени нема да ги решат проблемите во образованието, туку ќе ги продлабочат. Николова смета дека одредени процеси ќе се централизираат и се повеќе ќе се бара одобрение од централната власт, а помалку од општинската власт.

„Општината е основач на основните училишта, зошто е потребна согласност од министерството“, праша Николова.

Пратеникот Миле Талевски од СДСМ побара информација колку училишта ќе се затворат, колку наставници ќе станат технолошки вишок и колку средства ќе бидат потрошени за превоз на учениците.

„Ова е тотална импровизација, затоа предлагам да го повлечете овој закон“, рече Талевски.

Пратениците од власта со став дека оптимизацијата не значи отпуштање на наставниците и намалување на квалитетот на наставата.

„Се затвораат основни училишта и тоа не е затоа што некој е неспособен. Има силен процес на изградба на објекти во основното образование. Ниту еден наставник нема да остане без работа, туку работните часови ќе ги исполни со воннаставни дејности и ќе им помага на учениците“, нагласи Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека оптимизацијата ќе ја организира наставата, а јавните средства нема да се фрлаат во ветер.

„Имаме и план и визија. Денес 174.040 основци што е над 6.500 ученици помалку отколку годината претходно и тоа не е последица на оптимизацијата, туку на сите негативни демографски политики што ги воведте вие и тогаш не понудивте никакви решенија“, рече Ангелова.

Следна точка на дневниот ред е дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование, што исто така треба да се донесе по скратена постапка.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ