На свечено отворање се обратил Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден“-Тирана и д-р Хартмут Лајпнер, претседател на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) и потпретседател на ФУЕН.
Во рамки на семинарот имаше тематски презентациски панел „Положбата на македонското национално малцинство во Република Албанија“ и изложба на тема „Образование на мајчин македонски јазик во Република Албанија“. Во панел дискусиите учествуваа претставници на албански институции, пратеници, од локалната власт на Пустец, универзитетски професори, како и од македонската партија МАЕИ.
Учесниците на семинарот го посетиле и албанскиот законодавен дом каде се одржала панел-дискусија: „Западен Балкан и неговите национални малцинства на патот кон ЕУ“ со модератор д-р Хартмунт Лајпнер, Атанас Плоча, заменик градоначалник на општина Пустец, Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција, Дејан Чулафиќ, предавач на Универзитетот „Луиѓ Гуракуќи“ Скадар, Ентела Бињаку, директор на фондацијата „Хариет Мартино“, припадник на влашкото национално малцинство во Албанија, информираа од друштвото.

Станало збор и за работата на работната група на словенски малцинства. Настанот завршил со гала вечера по повод 30 години од Работната група на словенски малцинства, а присутните ги воодушеви настапот на македонската музичка група „Бајрами“ од село Орешек, областа Гора.
Учесниците биле во посета и на седиштето на Албанската автокефална православна црква, каде ги дочека поглаварот г.г Јоан, кој покрај другото ги запозна со православието во земјата, со посебен акцент на верската хармонија.

„Ми беше голема чест, во име на Македонското друштво ‘Илинден’-Тирана и македонското национално малцинство во Република Албанија, лично да им ја врачам наградата ‘Илинден’ на д-р Хартмут Лајпнер, и на Матиц Гермовшек, координатор на Работната група за словенски малцинства, за посебен придонес и поддршка за македонското национално малцинство во Република Албанија и кон Македонското друштво Илинден’ – Тирана“, рече Ѓурѓај.
Македонското друштвото „Илинден“ – Тирана од 16 мај 2015 година е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) и Работната група на словенски малцинства (АГСМ).







