„Оваа власт на Заев е ненародна, но ова веќе е бесрамно. Граѓаните се оставени сами да се борат со огнените стихии. Три дена нема трага и глас од Зоран Заев. Неговата власт е одговорна што две години скапуваат во хангари авионите за гаснење на пожар. Неговата власт е виновна што надлежните институции не реагираа навреме пред пожарите да ескалираат. Се трошат пари за мебел, службени возила, повисоки хонорари и партиски вработувања, наместо да се обнови и зајакне капацитетот кој треба да ги штити граѓаните од пожари. Веќе никој не бара одговори од Заев, веќе од Заев и оваа власт се бара одговорност“, се вели во соопштението.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така велат дека и локалната власт покажуваат целосна негрижа за состојбата со пожарите. „Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов никаде го нема, а вчера имаше 18 активни пожари во скопско, а 3 беа посериозни. Градот мирисаше на чад, гореа падини од Водно, гореше во Ѓорче Петров, гореше фабриката ОХИС, а Шилегов ужива на одмор како божем да се преработил. Ај што го нема Шилегов, туку во исто време го нема и командирот на скопската противпожарна единица. И Шилегов и Заев и сите останати ќе останат запаметени како властодршците кои го напуштија својот народ кога му беше најтешко“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






