Како што пренесуваат дел од медиумите, спорниот дел во случајот се однесува на процесот што му претходел на носењето одлука за интервенција, односно на читањето на ангиографските снимки, изготвувањето на медицинските извештаи и поставувањето на индикациите за третман.
Во објавените информации се наведува дека странските експерти не го квалификувале случајот како изведување операции без потреба, туку укажале на сомнителни наоди во дијагностичко-евалуацискиот процес.
Министерот за здравство Азир Алиу, како што пренесуваат медиумите, изјавил дека фокусот не е ставен на самиот оперативен зафат, туку на медицинската проценка што претходела на одлуката за интервенција.
Според досега објавеното, вниманието е насочено кон тоа дали ангиографските снимки биле соодветно толкувани и дали врз основа на тие наоди биле поставени соодветни медицински индикации.
Оттаму, квалификацијата дека биле вршени „непотребни операции на срце“ засега не произлегува директно од експертските наоди, туку, како што пренесуваат дел од медиумите, станува збор за сомнежи поврзани со дијагностичката евалуација и потреба од дополнителна стручна проверка.
„Од вкупно анализирани 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени кардиохируршки операции или непотребно упатени за операција странската Комисија кај девет случаи утврдила сомнителни наоди, во текот на дијагностичката евалуација и тоа на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронографијата и писмениот извештај, по што следувало несоодветна индикација за процедурите, било да е ендоваскуларите или хируршките процедури“, соопшти вчера на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу, кој информираше за резулатите на странската Комисија за проверка на сомнителните случаи, на кој прв укажа академик Сашко Кедев.






