Како што велат од МНР, воспоставувањето постојано резидентно дипломатско присуство во Вилнус ќе придонесе за зајакнување на директниот политички дијалог меѓу двете земји, поефикасно застапување на македонските национални интереси и унапредување на билатералната соработка со „оваа значајна пријателска земја“.
Амбасадата во Вилнус ќе има и поширока регионална улога, претставувајќи централна точка за покривање на останатите балтички држави во политичката, економската, културната, конзуларната и во другите сфери од заеднички интерес.
„Република Литванија е меѓу најактивните членки на Европската Унија и НАТО во доменот на безбедносните политики и политиката на проширување на Унијата, како и држава која континуирано го поддржува процесот на европска интеграција на Македонија. Блиските, искрени и партнерски односи меѓу двете земји се потврдуваат и преку одлуката на литванската страна, во ноември 2023 година, да отвори Канцеларија во Скопјe. Со оваа одлука, Амбасадата на Македонија во Варшава престанува да биде надлежно дипломатско-конзуларно претставништво за Република Литванија на нерезидентна основа“, информираат од МНР.






