Според МФ, постојниот закон повеќе од една деценија ја регулирал оваа област, но во меѓувреме пазарот на игри на среќа значително се променил, се појавиле нови форми на приредување, се проширила мрежата на деловни простории и оттука се наметнала потребата од закон којшто ќе одговори на современите предизвици и ќе овозможи поефикасен надзор и контрола.
„Една од новините е регулирањето на подарувањата (giveaway), за кои се воведува обврска за издавање дозвола и плаќање соодветна давачка за нивно приредување. Дополнително, со законот се уредува дека правото на приредување на лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, како и електронските и интернет игрите на среќа, е право на Република Македонија, која ќе ги приредува преку трговско друштво во државна сопственост. Законот воведува и критериуми за соодветност и интегритет („fit and proper“) за членовите на органите на управување, содружниците и соработниците на друштвата кои поседуваат лиценци за приредување игри на среќа. Овие решенија се во согласност со препораките на MONEYVAL и меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам и претставуваат значаен чекор кон зајакнување на довербата во системот“, велат од Министерството за финансии.
Оттаму потенцираат дека посебен акцент е ставен и на регулирањето на рекламирањето на игрите на среќа и оти првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами.
„Истовремено, се забранува рекламирање кое создава впечаток дека игрите на среќа се средство за финансиски успех, решение за лични или социјални проблеми или кое директно или индиректно ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив. Дополнително, се забранува користење називи што не одговараат на видот на играта за која е издадена лиценцата, со што се обезбедува поголема транспарентност и заштита на јавниот интерес“, велат од Министерството.
Сметаат дека и со новиот закон се продолжува со финансиската поддршка на ранливите категории, односно средства во износ од 60 до 120 милиони денари кои се остварени по сите основи од приредувањето на игри на среќа и забавни игри ќе продолжат да се користат за финансирање на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија на граѓани за борба против семејното насилство и за Црвениот крст на Република Македонија.
„Во насока на поефикасна контрола, законот воведува задолжително поставување GPS-систем за позиционирање на секој автомат за игри на среќа, VLT и терминал за електронски игри, поврзан со Управата за јавни приходи. Со ова ќе се обезбедат точни информации за локацијата на секој автомат и ќе се спречи нивно поставување кај нелиценцирани приредувачи, што значително ќе ја подобри ефикасноста на инспекцискиот надзор. Во делот на отворањето деловни простории се воведуваат нови правила со кои се ограничува можноста едно друштво со ист износ на основна главнина да добие повеќе лиценци. За секоја дополнителна лиценца ќе биде потребен соодветен кумулативен износ на основна главнина, со што се обезбедува поголема финансиска одговорност и пофер пазарни услови“, велат од МФ.
Со новото законско решение, како што нагласуваат, првпат се воведува критериум за оддалеченост на деловните простории за определени приредувачи на игри на среќа од најмалку 500 метри од основните и средните училишта.
Во делот на инспекцискиот надзор и прекршоците се прошируваат основите за одземање лиценци и дозволи, а се зголемува и висината на глобите за сторените прекршоци, со што се овозможува поефикасно санкционирање на незаконското работење.
Со усвојувањето на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, според МФ, се воспоставува современ систем кој обезбедува повисоко ниво на правна сигурност, поголема транспарентност, поефикасен надзор и подобра заштита на јавниот интерес. Очекуваните ефекти се намалување на нелегалното приредување игри на среќа, поефикасно спречување на финансиските злоупотреби, подобра заштита на малолетниците и усогласување на националното законодавство со европските и меѓународните стандарди.






