„Според нашиот Устав, уставни измени може да предложат 30 пратеници или 150 илјади граѓани. Иницијаторот нема 30 пратеници во парламентот. Јас не можам да ги толкувам партиските причини и причините на парламентарната група за поднесување на оваа иницијатива, но секогаш кога се поднесува некоја иницијатива, тоа не треба да се прави само за да се манифестира поголема активност, туку треба да се размислува на извесноста од нејзиното финализирање и вродување со плод“, рече Сиљановска-Давкова во одговор на новинарско прашање по средбата со швајцарскиот претседател.
Додаде дека е познато оти за усвојување е потребно двотретинско мнозинство, што, како што истакна, е многу повеќе од триесет, а исто така и двојно мнозинство, заради тоа што се бара промена на преамбулата.
„Веројатно реков дека тоа е партиска одлука. Тоа е одлука на пратеничката група, но јас на нешто друго сакам да предупредам. Токму оваа партија, да ве вратам назад, едно време, всушност, ја убедуваше македонската јавност, односно граѓаните, дека не само што има двотретинско мнозинство во парламентот за уставни измени, туку дека има и многу поголемо, дека разговарале со пратеници, дури и од опозицијата, дека од нив добиле поддршка, но го видовте завршокот на оваа приказна. Најдобро е нив да ги прашате кои им се намерата и иницијативата, но секој пратеник, сите пратеници, имаат право на иницијатива. Тоа е демократски чин. Да видиме што ќе се случи, но од она што го гледам како коментари од другите партии, мислам дека нема шанси да успее“, рече претседателката.
Неодамна темата за евентуално отворање на Уставот ја отворија пратеници од Европскиот фронт преку иницијатива за собирање потписи.






