Јавниот обвинител, Ненад Савески денеска информираше дека на подрачјето на Основното јавно обвинителство Гостивар се спроведуваат проверки во кои се вклучени сите надлежни институции, со цел да се утврдат сите околности на случајот и да се утврди дали станува збор за кривично-правен настан.
„На подрачјето на Основното јавно обвинителство Гостивар се преземаат конкретни истражни дејствија во кои се вклучени сите потребни институции за да се утврди состојбата. Дали станува збор за евентуално кривично-правен настан или од други аспекти“, изјави Савески.
Тој нагласи дека надлежниот јавен обвинител веќе постапува по случајот и прибира информации од релевантните институции, поради што, како што посочи, сè уште е рано да се даде правна квалификација.
„Да не избрзувам со правна квалификација околу тоа. Дејствијата се преземаат токму денес. Очекувам и јас информации од страна на надлежниот јавен обвинител, така што не би било благодарно сега од ова место да одредувам правна квалификација наместо надлежниот обвинител“, рече Савески.
На новинарско прашање дали, доколку се утврдат неправилности, ќе има одговорност поради можноста за загрозување на јавното здравје, јавниот обвинител посочи дека најнапред треба да се утврди дали постојат основи за постоење на кривично дело.
„Прво треба да се види дали има основи за постоење, па потоа и видот на кривичното дело, доколку има“, појасни јавниот обвинител.
Во меѓувреме, надлежните институции ги испитуваат причините за појавата на здравствените проблеми кај граѓаните, а повеќе информации се очекуваат по завршувањето на првичните проверки и анализи.
Според информациите од истрагата, на 16 јули 2026 година околу 18:20 часот, инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, постапувајќи по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, презеле итни мерки и активности на терен во село Вруток, поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар.
Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во коритото на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го снабдува градот.
Според првичните сознанија, оваа активност најверојатно била преземена со цел зголемување на притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што, доколку се потврдат сомневањата, директно би било загрозено здравјето на граѓаните на Гостивар.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик.
Во расчистувањето на случајот, покрај полицијата и обвинителството, се вклучени и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на поставениот систем.





