петок, 17 јули 2026

Над 100 пациенти дневно со стомачни тегоби во Гостивар, се проверува дали водата е исправна

Зголемениот број пациенти со стомачни тегоби кои деновиве бараат лекарска помош во Општата болница во Гостивар предизвика загриженост кај граѓаните. На социјалните мрежи и во јавноста се поставуваат прашања што е причината за ваквата состојба, особено откако се појавија информации дека на Инфективното одделение во текот на еден ден амбулантска лекарска помош побарале повеќе од 100 пациенти.

Објавено на

часот

Сподели

Наплив на пациенти со слични симптоми има и на Педијатриското одделение, како и во Ургентниот центар. Во меѓувреме, од Основното јавно обвинителство информираат дека, по наредба на јавен обвинител, се преземаат дејствија поврзани со испитување на квалитетот на водата за пиење.

Од Општата болница во Гостивар велат дека, според досегашните епидемиолошки информации, најверојатно станува збор за сезонска вироза и дека случаите засега не се меѓусебно поврзани. Пациентите најчесто се јавуваат со болки во стомакот, покачена телесна температура, повраќање и дијареа.

Директорот на болницата, Емри Бајрами, вели дека здравствената установа навремено го засилила медицинскиот персонал за да одговори на зголемениот број пациенти.

„Најверојатно е вироза. Од Центарот за јавно здравје немаме добиено никаков документ дека водата не е добра. Ние како болница оваа состојба ја менаџираме добро. Вчера испративме уште еден доктор на Педијатрија како дополнителна помош, исто така и во Ургентниот центар и на Инфективното одделение имаме по двајца доктори. Го засиливме и медицинскиот кадар со уште три медицински сестри за состојбата да се менаџира како што треба. Мислам дека денеска малку е стивната состојбата. Пациентите тегобите ги имаат околу два дена, доаѓаат амбулантски да примат терапија, инфузија, а не се хоспитализирани. Секоја година во летниот период има вакви проблеми. Тоа е поради високите температури, граѓаните јадат ризична храна, а се случува и недоволно добро да ги мијат овошјето и зеленчукот“, изјави Бајрами.

Тој апелира граѓаните во текот на летниот период да бидат особено внимателни при чувањето и консумирањето на храната, да ја одржуваат личната хигиена и да внесуваат доволно течности за да се спречи дехидратација.

Поради актуелната состојба, Центарот за јавно здравје неделава земал дополнителни примероци од водата за пиење на неколку мерни места во Гостивар. Според резултатите од извршените анализи, водата од испитаните примероци е исправна за употреба.

Од Центарот за јавно здравје додаваат дека, поради внимателно следење на состојбата, и во наредните денови ќе продолжат со дополнителни испитувања и повторно ќе земаат примероци од водоводната мрежа, со цел навремено да се утврди евентуална промена во квалитетот на водата.

По пријава за незаконска интервенција во водоводната мрежа на подрачјето на општина Гостивар полицијата спроведува истражни мерки.

Портпарлот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи потврди дека по наредба на јавен обвинител се преземаат за целосно расчистување на случајот.

„Поради сомнение за сторено кривично дело ‘загадување на вода за пиење’, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик во расчистувањето на овој случај вклучена е и полицијата“, изјави Реџепи.

За расветлување на случајот со наводно долевање на вода во главниот резервоар за водоснабдување се вклучија Обвинителството, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ