петок, 17 јули 2026

Струшката депонија повторно гори, Општината воведе 24-часовен надзор, полицијата ги бара подметнувачите на пожарот

Општина Струга започна со 24 часовен надзор над депонијата откако летово повторно беше зафатена од пожар. Како што информираат од Општината, паралелно со истрагата, се преземаат и дополнителни безбедносни мерки на депонијата до целосно расветлување на случајот. Стружани со години наназад предупредуваат на неподнослива миризба, чад од честите пожари и загадување на воздухот, почвата и подземните води особено во летниот период за време на туристичката сезона. Случајот со струшката депонија стигна и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Фото: Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Од Општина Струга велат дека неодговорни граѓани ја запалиле депонијата во Струга, создавајќи сериозна ситуација што го загрозува здравјето и безбедноста на сите граѓани.

„Благодарение на брзата реакција на општинските служби и надлежните институции, пожарот беше локализиран и изгаснат навреме, со што беа спречени уште потешки последици. На местото на настанот излезе и полицијата, како и надлежните инспектори, кои отворија постапка за идентификување на подметнувачите на пожарот. Според првичните сознанија и сомнежи, како и трагите пронајдени на местото на настанот пожарот е намерно предизвикан.  На терен беа забележани траги од бензин.  Станува збор за кривично дело кое не може и нема да биде толерирано, посочуваат од Општина Струга.

Воедно, Општината ги повикува сите граѓани, доколку располагаат со информации што можат да помогнат во идентификувањето на сторителите, истите да ги споделат со надлежните органи.

„Жално е да се сфати дека има луѓе кои, заради тесни лични интереси или со цел да создадат хаос, не се двоумат да ги загрозат животот и здравјето на илјадници граѓани. Да се труе воздухот што го дишат децата, повозрасните и секое струшко семејство е неприфатлив и крајно неодговорен чин.Стружани со години предупредуваат на неподнослива миризба, чад од честите пожари и загадување на воздухот, почвата и подземните води особено во летниот период за време на туристичката сезона. Струга нема да биде заложник на поединци кои се обидуваат да шират страв, загадување и хаос“, децидни се од Општина Струга.

Поради ова беа организирани и протести со кои се бараше трајно затворање и санација на депонијата.

Најкритично беше во 2024 година кога депонијата гореше цело лето, при што густ чад со денови ја гушеше Струга и околината.

Граѓаните бараа прогласување вонредна состојба и итни мерки за гаснење на пожарот и санација на депонијата.

Еколошките организации предупредуваа дека депонијата претставува сериозен ризик за здравјето на населението и за животната средина, особено поради близината до земјоделските површини и сливот на Охридското Езеро, регион заштитен од УНЕСКО кој минатата недела повторно препорача Охридско-струшкиот регион да биде ставен на листата загрозени светски наследства.

Случајот со струшката депонија стигна и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.  Откако беа исцрпени сите правни можности за добивање правда дома, во мај 2025 година Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и адвокатската канцеларија „Стојкоски и Ќатоски“ поднесоа апликација (жалба) ЕСЧП со која се бара да се утврди повреда на правото на пристап до суд, правото на почитување на приватниот и семејниот живот и правото на ефективен правен лек. Четири месеци подоцна, судот во Стразбур соопшти дека предметот е прифатен и ги исполнува условите за понатамошно разгледување.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ