петок, 17 јули 2026

Кривична пријава против Косовецот кој насилно ја преминал границата фатен во обид да прошверцува дрога

Косовскиот државјанин Р.Е. е лишен од слобода, откако на граничниот премин Блаце, при царинска контрола, насилно и противзаконски го преминал преминот со автомобил во кој криумчарел дрога, при што го довел во опасност  животот на царинскиот службеник кој го запрел за детална контрола, соопштија денеска од Царинската управа.

Објавено на

часот

Сподели

Против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, како и за спречување службено лице во вршење службено дејствие.

Според Царината, на 15 јули, во вечерните часови, царинските службеници на граничниот премин Блаце го застанале за царинска контрола сега приведениот Р.Е. Контролата била извршена од двајца царински службеници, при што лицето е повикано да го отвори багажникот на возилото за проверка. Во моментот кога осомничениот увидел дека еден од царинските службеници ја забележал кесата под совозачкото седиште и посегнал да ја провери, противзаконски влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го сопре.

„Повикана е граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник, по десетминутна потера, му го пресече патот и лицето е лишено од слобода. Осомничениот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при Царинска управа, кое го презеде случајот и по спроведените истражни дејствија поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје. Во текот на бегството, осомничениот, ја фрлил кесата со дрога која е пронајдена во близина на местото на приведувањето. По налог на јавен обвинител, дрогата е дадена на вештачење, при што е утврдено дека станува збор за опојна дрога марихуана со тежина од еден килограм. Кај осомничениот е пронајдено и ладно оружје“, информираа од Царина.

Царинскиот службеник кој насилно бил повлечен при обид да го спречи осомничениот во бегството, се здобил со лесни телесни повреди.

„Двајцата царински службеници кои учествувале во интервенцијата на граничниот премин Блаце, се пример за секојдневната храброст која вработените ја вложуваат во службата, со цел заштита на државата“, потенцираат од Царинската управа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ