Необично остриот настап на министерот за одбрана во заминување Михаило Федоров вчера предизвика своевидна политичка криза и го разоткри расколот во самиот врв на украинските воени напори, спротивставувајќи ја новата генерација, која ја гледа технологијата како пат кон пораз на Русија, со началникот на вооружените сили, вели Ројтерс.
Триесет и петгодишниот Федоров, кој оваа недела беше сменет во рамките на реконструкцијата на владата, само шест месеци откако стапи на функцијата, упати жестоки обвинувања кон генералот Олександр Сирски, тврдејќи дека поттикнувал сплетки, ги блокирал неговите иницијативи и ја саботирал неговата работа.
Ова е првпат тие тензии да излезат во јавноста, истакнува Ројтерс.
Федоров рече дека се согласил да се обиде да соработува со Сирски, откако безуспешно побарал од претседателот Володимир Зеленски да го смени, но дека највисокиот украински генерал потоа намерно го поткопувал зад сцената.
Обраќајќи им се на новинарите во Киев, Федоров рече дека ја одбил понудата на Зеленски да биде негов советник.
„Дојдовме до ситуација во која сите иницијативи што ги предлагавме беа блокирани, а Сирски, имајќи ги предвид сите проблеми за кои денеска разговаравме, не е подготвен да ме погледне в очи и отворено да зборува за проблемите“, рече Федоров.
Тој го обвини Сирски дека предводи дисфункционална култура на лаги, лошо организирани единици и отсуство на лична одговорност во војската, што претставува исклучително остра реторика насочена против човекот што ги предводи украинските вооружени сили од февруари 2024 година.
„Наместо да работи на тоа како асиметрично да ја поразиме Русија… тој работеше на тоа како да ја подели земјата“, рече на прес-конференцијата, одржана токму во моментот кога пратениците се состануваа за да разговараат за составот на новата влада.
По нападот, Сирски објави кратко соопштение во кое му се заблагодари на Федоров за работата како министер за одбрана и рече дека Украина мора да се фокусира на војната. Тој не ја коментираше суштината на обвинувањата на Федоров.
Технолошки ориентиран лидер
Острите изјави укажуваат и на сè поголемиот внатрешен притисок во украинските одбранбени сили, повеќе од четири години по почетокот на руската инвазија, како и на различните визии за тоа како треба да се води војна во ерата на дроновите.
Годините исцрпувачки борби поттикнаа револуција во војувањето, особено во употребата на дронови за сè – од напади врз војници на бојното поле до доставување резерви и евакуација на ранетите.
Федоров, симболична фигура за Украинците што сметаат дека употребата на технологијата е клучна за победа во војната, го надгледуваше зголемувањето на производството на дронови со среден дострел и дронови за удари длабоко на непријателска територија, како и унапредувањето на набавките за одбраната.
Неговиот мандат се совпадна со видливо подобрување на положбата на Украина на фронтот, по години повлекување, како и со спектакуларна кампања со напади со дронови, кои тешко ги погодија нафтената инфраструктура и воените цели длабоко во Русија.
Стотиците Украинци, кои вчера излегоа да го поддржат Федоров на спонтан и редок воен протест во Киев и во други градови, главно беа мажи и жени помлади од 30 години.
Во Киев повеќе од 1.000 демонстранти се собраа пред канцеларијата на Зеленски, извикувајќи „Срамота!“ и носејќи транспаренти со пораки како „Зошто?“ и „Русите слават“.
Сцената потсети на големите протести од јули минатата година, кога незадоволството на јавноста го принуди Зеленски да ја повлече непопуларната мерка со која на антикорупциските агенции им беше одземена независноста.
„Ние сме за напредок, а не за назадување“, рече еден демонстрант што се претстави како Али и го опиша Федоров како ефикасен и модерен менаџер.
Други демонстранти бараа Зеленски наместо него да го смени Сирски.
Федоров во своето обраќање ги призна претходните воени успеси на Сирски, но рече дека „војната целосно се променила“ и дека дроновите поттикнуваат забрзан циклус на развој.
Сирски, кој има 60 години, е командант школуван во советскиот систем, а военото образование го стекнал во Москва во осумдесеттите години.
Врховниот командант, кој го користи воениот прекар „Снежен леопард“, ја презеде командата над украинските копнени сили во 2019 година. Ја предводеше одбраната на Киев во 2022 година и молскавичната контраофанзива во Харковската област подоцна истата година.
На чело на вооружените сили дојде во февруари 2024 година, откако Зеленски го смени неговиот претходник Валериј Залужни.
„Големо зло“
Зеленски потврди дека меѓу двајцата функционери постои судир, во еден од своите први јавни коментари за тоа прашање, додавајќи дека во моментов не е во позиција да каже како ќе биде решен.
Покрај улогата на технологијата, а особено на дроновите, која Федоров силно ја промовираше, еден од клучните проблеми на украинската војска е недостигот од пешадија, што не успеаја да го решат ниту војската ниту Министерството за одбрана.
Зеленски вчера го именуваше вршителот на должноста шеф на Службата за безбедност на Украина, Јевхен Хмара, за вршител на должноста министер за одбрана и побара од парламентот да го потврди.
Во објава на Телеграм, Зеленски наведе дека Службата за безбедност на Украина се истакнала во изведувањето далекуметни напади врз Русија и дека тоа е предност за извршување на должноста министер за одбрана.
„Му го доверив на Јевхен Хмара извршувањето на должноста министер, продолжувањето на реформата на одбранбениот сектор и обезбедувањето Украина да ги постигне сите резултати за кои разговаравме“, напиша Зеленски, додавајќи дека ќе побара од парламентот да го поддржи неговиот избор.
Зеленски претходно како можен наследник на Федоров го споменуваше министерот за внатрешни работи Игор Клименко, за кого рече дека би можел да биде во добра позиција да се справи со проблемот со мобилизациските службеници што цивилни мажи ги внесуваат во автобуси за да служат во вооружените сили.
Таа појава, меѓу народот позната како „автобусизација“, е мошне непопуларна и за време на војната поттикнуваше општествени тензии, додека вооружените сили се обидуваа да обезбедат постојан прилив на нови војници во борбата против повеќебројната војска.
Федоров, од своја страна, изгледа ја остави отворена можноста да биде вратен на функцијата министер за одбрана, иако не е јасно како би можело да се случи тоа.
Судирот ги разоткри и поделбите во парламентарното мнозинство на Зеленски, кое главно се обединуваше околу неговото воено лидерство и без поголем отпор ги потврдуваше неговите кандидати за членови на владата.
Претставници на одбранбената индустрија, високи украински функционери, пратеници од партијата на Зеленски и други запознаени со случајот, исто така наведоа – некои и јавно – дека Федоров претставувал пречка за интересните групи што настојуваат да заработат од огромниот украински воен буџет за одбрана.
Еден пратеник, Микита Потурајев, поднесе оставка во знак на протест.
И некои воени функционери јавно го поддржаа Федоров, меѓу нив и Михаило Драпати, популарен командант што од 2024 до 2025 година беше началник на копнените сили, пред Сирски да го смени на пониска функција.
Павло Јелизаров, заменик-командант на украинските воздухопловни сили, кого Федоров го именуваше да се бори против руските напади со дронови, рече дека поднесува оставка поради смената на Федоров. Одлуката ја нарече „големо зло“ за одбраната на Украина.
Виталиј Сич, главен уредник на украинскиот медиум НВ, напиша дека „во тешки моменти Зеленски се однесува како херој“.
„Но не треба да се заборави дека тешките моменти често се предизвикани од неговите идиотски одлуки“, додаде тој.





