среда, 27 мај 2026

Сè помалку бракови и деца, сè повеќе иселени, Македонија се соочува со демографски колапс

Македонија се соочува со еден од најсериозните долгорочни проблеми – демографскиот пад. Според проекциите, доколку ваквиот тренд продолжи, до 2070 година во земјата би можеле да живеат околу 1,3 милиони жители. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првиот квартал годинава во споредба со истиот период  лани бројот на живородени деца изнесува 3.380 и е намален за 4,1 проценти. Што се однесува до браковите, според ДЗС, во првите три месеци од годинава склучени се 1.797 бракови и нивниот број е намален за 2,7 проценти во споредба со истиот период лани.

Објавено на

часот

Сподели

Според статистичките податоци, во 2024 година се родиле околу 16.061 дете, што е за речиси 7.000 помалку во споредба со 2015 година.

Националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси, Влатко Ѓорчев, неодамна во интервју за МКД.мк кажа дека клучот е во луѓето, а не само во инфраструктурата.

„Џабе ни се сите патишта, автопати, згради и фабрики ако нема луѓе. Нема ништо без луѓе. Затоа треба да размислуваме долгорочно и да ги развиваме нашите човечки ресурси“, вели Ѓорчев.

Во 66 општини повеќе луѓе умираат одошто се раѓаат

Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска објави дека во првите три месеци од 2026 година, повеќе луѓе умреле одошто се родиле.

„Природниот прираст во првиот квартал годинава е негативен и изнесува 1.962, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица. Природниот прираст е негативен во 66 општини. Во првиот квартал годинава во споредба со истиот период  лани бројот на живородени деца изнесува 3.380 и е намален за 4,1 проценти“, покажуваат денеска објавените податоци.

Според ДЗС, бројот на умрени во првото тримесечје од годинава бележи намалување од еден процент во споредба со истото тримесечје од 2025 година и изнесува 5.342 лица, а од нив девет се доенчиња.

Ѓорчев вели дека државата веќе спроведува повеќе мерки насочени кон поддршка на семејствата и зголемување на наталитетот.

„Минатата година го зголемивме бројот на бесплатни ин витро ИВФ процедури од три на шест процедури, плус постапката на одобрување која сега трае две недели, наместо три месеци како што беше претходно. Мерката за бесплатен ИВФ ја воведовме во 2008 година и досега врз основа на оваа постапка се родиле повеќе од 15.000 бебиња“, вели Ѓорчев.

Покрај тоа, како што додава, се вложува и во инфраструктурата за децата и семејствата.

„Секој месец отвораме нови, проширени или обновени градинки. Обезбедуваме бесплатни учебници и поддршка за превоз на учениците. Ќе продолжиме со поддршка на децата, мајките и семејствата“, вели Ѓорчев.

Младите сѐ помалку се мажат и се женат

Најновите податоци на ДЗС покажуваат дека во првиот квартал годинава склучени се 1.797 бракови и нивниот број е намален за 2,7 проценти во споредба со истиот период од 2025 година.

Според податоците на ДЗС, регистрирани се 494 разведени бракови, што претставува зголемување од 6,2 проценти во споредба со истиот период од 2025 година.

Ѓорчев вели дека Владата особено е фокусирана во делот на обезбедување на услови за подобар живот на младите особено во делот на образованието и вработувањето, како и домувањето.

„Нивните клучни барања се во делот на животниот стандард и повеќе можности, а главните приоритети на Владата се токму во таа насока.  Особено сме фокусирани во делот на домувањето затоа што тоа е особено важно за младите како и во делот на основањето на семејство. За нив особено е важно решавање на станбеното прашање“, вели Ѓорчев.

Ако ништо не се промени, Во Македонија до 2070 година ќе живеат 1,3 милиони жители.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ