среда, 22 април 2026

СДСМ преку соопштенија го „дисцпилинира“ градоначалникот на Крива Паланка, од сопствените редови

Перспективите од стратешкиот дијалог на Македонија со САД, во контекст на инвестиции во рударството, кога стигнаа на локално ниво, се чини дека станаа причина за манифестација на политички, па и внатрешнопартиски разлики. Отворената тема за експлоатација на рудата антимон, во близина на селото Луке, Кривопаланечко, ги стави на различна страна раководството на партијата СДСМ и градоначалникот на Крива Паланка од нивните редови, Сашо Митовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Официјалноста“ во комуникацијата од централата на партијата, која преку соопштение до јавноста му се обраќа и дава насоки како да постапува Митовски во однос на можноста за отворање рудник за ископ на антимон во општината што ја предводи, остава простор за потврда на сомневањата во јавноста за внатрепартиските превирања во СДСМ.

„ Народот на Крива Паланка треба да се праша преку референдум за рудникот за антимон. Градоначалникот Сашко Митовски, не може да одлучува сам или да се договара со Мицкоски. Граѓаните на Крива Паланка, а не експертите поврзани со ВМРО-ОКГ и бизнис интересите на Мицкоски, треба да одлучат дали сакаат рудник за антимон во нивниот крај“, се вели во соопштението од СДСМ, упатено до градоначалникот на Крива Паланка.

Од партијата нагласуваат дека не се против инвестиции, туку против рудник што загрозува здравје и тивко убива.

„Копањето антимон е една од најтоксичните рударски дејности во светот. Тоа носи сериозни здравствени ризици – респираторни заболувања, оштетување на срцето, проблеми со црниот дроб и бубрезите, дерматитис, анемија, репродуктивни нарушувања и зголемен ризик од рак на белите дробови. Антимон триоксид е класифициран како веројатно канцероген за луѓето. Имаме горчливо искуство токму со рудникот Лојане. Таму отпадот од старите рудници и денес загадува почва, вода и воздух. Луѓето сè уште страдаат од хронични заболувања, а отпадот продолжува да го труе регионот со децении. Истото се случува и со проектите за литиум. Се ветуваат работни места, а на крајот остануваат загадена вода, почва и сериозни здравствени проблеми.Македонија веќе е на црната листа по квалитетот на воздухот. Уште еден рудник за токсичен метал значи уште еден проект за убивање на граѓаните“, ги изнесуваат од СДСМ аргументите во соопштението, што треба да ги има предвид градоначалникот Митовски.

Притоа директно му порачуваат дека – градоначалникот мора првенствено да ги слуша своите граѓани, а не човекот кој ја гледа државата како свој тендер.

„Мора да знае градоначалникот Митовски кога се слуша со Мицкоски, човекот кој се занимава исклучиво со својот приватен бизнис, носи часовници од 65.000 евра додека народот гладува, купува приватни авиони и прави струја преку почесни конзули како неговиот пријател Душан Адамовиќ.

Градоначалниче – референдум! Нека граѓаните на Крива Паланка сами одлучат. СДСМ е и секогаш ќе биде на страната на народот, а не на страната на Мицкоски и неговата тендер-коалиција“, му порачуваат од партијата на градоначалникот од сопствените партиски редови, јасно ставајќи до знаење дека му забележуваат за неговата комуникација со премиерот Христијан Мицкоски, кој доаѓа од спротивставената политичка опција на СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митовски е изненаден од начинот на комуникација што го избрала неговата партија за оваа тема и нагласува дека не сака да влегува во внатрепартиска и воопшто во политичка конфронтација за теми кои наложуваат одлуки со комплексна одговорност – од економска, преку здравствена до социјална. Митовски смета дека доколку од неговата партијата имаат забелешки за начинот на неговата работа, тоа треба да го решаваат на внатрешно партиско ниво.

„Крива Паланка е рударски град. Тоа не е само економска категорија, тоа е дел од нашиот идентитет, нашата традиција и начинот на кој овој крај се развивал со децении. Од таа перспектива, секоја иницијатива поврзана со рударството мора да се разгледува сериозно, одговорно и со целосна свест за потенцијалните придобивки и ризици.

Локалната економија има потреба од сериозни инвестиции. Согласно важечките урбанистички планови, Крива Паланка нема реални просторни можности за развој на класична индустрија или индустриска зона. Секоја стратешка инвестиција што може да отвори нови работни места, да поттикне економска активност и да ја зајакне локалната економија заслужува внимателна, транспарентна и одговорна анализа.

Но истовремено, мојата обврска како градоначалник е да го заштитам здравјето на граѓаните и животната средина. Тоа е приоритет над сè. Инвестиции може да се реализираат исклучиво под строго утврдени услови и со највисоки стандарди на контрола и заштита. Ќе инсистирам на процес без штетни влијанија врз водата, почвата и воздухот, како и обезбедување финансиски гаранции за евентуална штета.

Граѓаните имаат право на референдум. Тоа е уставно загарантирано право и демократска алатка за директно изразување на волјата. Сепак, клучно е јавноста да биде целосно информирана, со факти, технологија и јасни механизми на контрола. Мојата обврска е двојна: да го заштитам здравјето и безбедноста на граѓаните, но и да работам на економски развој и нови работни места“, го изразува својот став, градоначалникот на Крива Паланка, Митовски околу прашањето за можноста за отворање рудник за антимон, објавен и на веб-страницата на Општината .

Ј.П.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ