Како што се наведува во реакцијата на „Сакам да работам“, речиси сите политички партии служејќи се со популизам се обидуваат да печалат политички поени со радикални предлози за дислокација, намалување или целосно затворање на легалните објекти за игри на среќа.
„Притоа, никој од предлагачите не кажуваат, ниту пак изразуваат подготвеност да преземат одговорност за крајно штетните последици што ќе следат ако се затвори овој легален економски сектор. Дополнително загрижува фактот што дежурните критичари на игрите на среќа ги игнорираат примерите од соседството, кои потврдуваат дека секој радикален пристап по автоматизам предизвикува диви играчници, каде младината е под далеку поголем ризик, а државата ја губи контролата“, велат од здружението.
Директен повод за оваа реакција е и најавата на Левица дека ќе предложи затворање на легалните објекти за организирање игри на среќа секаде, освен на граничните премини.
„Како здружение сме зачудени како една политичка партија која прокламира левичарска идеологија и врвна грижа за работниците, се залага најмалку 10 илјади луѓе да ги изгубат работните места и да останат на улица. Ова се човечки судбини, македонски семејства кои веднаш стануваат кандидати за нови иселеници во западните земји. Наместо да застанат во наша одбрана, се обидуваат да нѐ жртвуваат во нивните дневно-политички математики“, велат од здружението.
Тие потсетуваат дека економскиот сектор игри на среќа вкупно гледано е најголемиот приватен работодавец во Македонија.
„Индиректно помага меѓу 54 до 100 илјади други работни места. Годишните буџетски приливи од легалните игри на среќа одамна надмина 350 милиони евра што е најмалку 6 проценти од приливите на приходната страна на Буџетот. Дел од овие средства сигурно се трошат и за платите на професионалните политичари и за финансирање на политичките партии. Ние сме подготвени со сите демократски средства да се бориме против голиот политички популизам кој е последица на постојаната негативна кампања против легалните игри на среќа, зад која не стои вистинска грижа за младината, туку бизнис интереси и нечија желба да се печали од играње на црно по подруми како во 90-те години на минатиот век“, велат од здружението „Сакам да работам“.






