сабота, 16 мај 2026

Левица обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ и Влен го предлагаат истиот закон за игри на среќа што го напаѓале во опозиција

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН го предлага истиот закон за игри на среќа, со истото ограничување од 500 метри, кое додека беа во опозиција го нарекуваа смешно и недоволно, се наведува во денешното соопштение на Левица.

 

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Како што велат од Левица, токму сегашниот вицепремиер Изет Меџити во 2023 година јавно изјави дека растојанието од 500 метри од училиштата и верските објекти е смешно и најавуваше амандмани со кој сите казина ќе бидат најмалку 3 километри од населените места.

„Денес, истите тие политички партии не само што се откажаа од сопствените ветувања, туку очигледно целосно ретерираат пред коцкарскиот лоби-бизнис. Разликата е само што наместо СДСМ и ДУИ, сега ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се новите политички покровители на шемата со игрите на среќа. Особено лицемерно е што власта зборува за борба против коцкањето, а притоа не ја укинува онлајн платформата „Мегавин“. Додека беа во опозиција, денешните функционери обвинуваа дека токму онлајн игрите на среќа го шират коцкањето меѓу младите и семејствата“, се наведува во соопштението на Левица.

Оттаму велат дека наместо суштинска реформа, власта нуди „шминкерски закон кој единствено му удоволува на коцкарскиот бизнис и создава лажен впечаток за наводна регулација“.

„Со вакви половични мерки нема да се намали зависноста од коцкање, ниту ќе се заштитат младите. Доколку власта навистина сака да ги ограничи игрите на среќа, тогаш треба да го прифати предлогот на Левица — казината и обложувалниците да бидат дозволени исклучиво во погранични реони и туристички ресорти, надвор од урбаните средини и секојдневниот живот на граѓаните и младите. Сѐ друго е само политички маркетинг и заштита на профитите на коцкарската индустрија“, велат од Левица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ