петок, 26 јуни 2026

Министерството за култура контра синдикатот, тврди, не е точно дека една година немало преговори

Министерството за култура и туризам ги отфрли како неточни и тенденциозни наводите изнесени во соопштението на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), оценувајќи дека тврдењата оти повеќе од една година не се воделе преговори со синдикатите не одговараат на фактите.

Објавено на

часот

Сподели

„Најпрво, неточно е тврдењето дека Министерството повеќе од една година не седнало на преговарачка маса со претставниците на синдикатите. Потсетуваме дека пред точно една година со решение инициравме формирање работна група во која беа вклучени претставниции од двата репрезентативни сидникати СКРМ и СОНК, токму за проблематиките поврзани со Колективниот договор за културата. Работната група одржа два состанока по што од страна на синдикатите беа одбиени понатамошни разговори. За одржаните состаноци постојат записници со податоци за изнесеното на истите како и за учесниците. Во тој контекст, повторно укажуваме дека Министерството за култура и туризам секогаш било и ќе продолжи да биде социјален партнер кој ќе иницира дијалог, а се со цел заштита на правата на културните работници“, се наведува во соопштението од Министерството за култура и туризам.

Во реакцијата се наведува дека, по одлуката на Уставниот суд да ја оценува уставноста и законитоста на Колективниот договор, Министерството веднаш иницирало средба со претставниците на синдикатите.

„На состанокот одржан на 15 април годинава на кој освен министерот Зоран Љутков и преставници од Министерството за култура и туризам учествуваа и претставници од двата синдикати, претседателите на синдикалните организации како и нивниот адвокат, се дискутираше за одлуката на Уставниот суд, а се во насока на изнаоѓање на решение по настанатата ситуација. Средбата со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија беше одржана во месец мај, откако веќе се започна со состаноците помеѓу засегнатите страни, што е спротивно на тврдењата на СКРМ дека не се преговарало претходно“, истакнуваат од Министерството за култура и туризам.

Оттаму посочуваат дека во очекување на официјалната објава на Решението на Уставниот суд во врска со одлуката за Колективниот договор на иницијатива на Министерството се одржал уште еден состанок на крајот на месецот.

„Веднаш по објавувањето на Решението во Службен весник, истото од страна на Министерството за култура и туризам и официјално по електронска пошта беше доставено до синдикатите на нивно запознавање и беше закажана нова средба. На оваа средба, на 12 јуни, се разговараше за наводите и причините во Решението, како и за идните насоки за постапување дадени од страна на судот. Средбата заврши со согласност на двете страни, да биде одржан нов состанок по консултација на Синдикатите со нивното членство, а на кој истите ќе се произнесат со свои предлози. Средбата е веќе закажана за 2 јули“, велат од Министерството.

Оттука, како што е наведено во реакцијата, сосема е неосновано да се гради наратив дека Министерството за култура и туризам не преговара.

„А, тоа го говорат и фактите наспроти изнесените тврдења на социјалните мрежи кои се невистинити и извадени од контекст. Дополнително потенцираме дека состаноците не се одржуваат само поради одлуката на Уставниот суд туку и поради фактот дека Колективниот договор за културата е со истечена важност повеќе четири години и од тие причини, потребно е преку социјален дијалог, а не преку наметнување однапред утврдени ставовида се изнајде ново, законски одржливо решение т.е. нов колективен договор“, се посочува во реакцијата.

Министерството категорично ги отфрла и тврдењата дека настојува да го укине Колективниот договор или дека врши било какво влијание врз постапката пред Уставниот суд.

„Министерството не е подносител на иницијативата, нема законска надлежност да укинува колективни договори и не се меша во работата и одлуките на Уставниот суд. Ја почитуваме независноста на судската власт и ќе ја почитуваме секоја конечна одлука донесена во согласност со Уставот и законите. Истото важи и вооднос на постапката која СКРМ ја поведува пред Меѓународната организација на трудот. Министерството за култура и туризам е подготвено и во однос на таа постапка да одговори на сите барања и е максимално отворено за соработка“, се нагласува во соопштението.

Од Министерството истакнуваат дека се силен и конструктивен партнер во колективното договарање и заштитата на работничките права на културните работници.

„Остануваме посветени на конструктивен дијалог, почитување на законските процедури и изнаоѓање решение во интерес на сите вработени во културата. Воедно, несфатлива е потребата по денешната прес-конференција на министерот за култура и туризам да се прават обиди да се оспори успешноста на резултатите од работењето на Министерството во изминативе две години“, се наведува во пишаната реакција од Министерството.

Во тој контекст, како што посочуваат од Министерството, очекуваат јавната комуникација да се темели на факти, а не на шпекулации и политички квалификации, бидејќи единствено на тој начин може да се придонесе кон успешен и одговорен преговарачки процес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ