„Јавното обвинителство постапува и ги проверува наводите во секоја доставена кривична пријава. Заради природата на кривичното дело „закана” неопходно е оштетениот или лице кое има директни сознанија за заканата, таквите сознанија да ги пријави до надлежните институции и притоа да достави докази кои би довеле до откривање на евентуалните сторители на кривичното дело. На лицето Бојан Јовановски во неколку наврати му беше овозможено на записник во Основното јавно обвинителство Скопје да ги изложи обвинувањата за повеќе лица и да поднесе кривични пријави. По овие кривични пријави Обвинителството постапува и ги проверува сите наводи.”, стои во одговорот од Обвинителството.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Зоран Заев ги имал ставено целосно своите раце врз обвинителството и судството во Македонија.
„Од интервјуто јасно се гледа дека Зоран Заев ги имал ставено целосно своите раце врз обвинителството и судството во Македонија, и директно влијаел врз одлуки на правосудните органи. Заев лично се јавувал кога и и на кого требало да му биде вратен пасош од страна на Катица Јанева, што само го потврдува трас трас правосудството кое тој го контролирал. Дополнително од ова интервју произлегуваа основани сомненија дека токму лица поврзани со власта на Заев вршеле притисоци, па дури и се заканувала со ликвидации, само и само да ги покрие своите криминали. За вакви работи во нормална држава ќе имаше истраги уште истиот ден, ама кај нас Обвинителството молчи.
До кога обвинителството ќе ги крие вистинските рекетари и криминалци во Македонија? До кога главата на октоподот во Македонија и мафијата на власт ќе бидат заштитувани од страна на обвинителството и судството?
Мафијата во Македонија е власта која ги има ставено под свое и судството и обвинителството. Додека заевизмот не се смени, до тогаш Македонија ќе тоне во криминал и корупција и ќе продолжи да биде најкорумпираната држава во Европа”, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Миле Јовановски, татко на осудениот во случајот „Рекет”, Бојан Јовановски, во интервј, зборуваше за овој случај, за претресите во неговиот дом, за тоа дека не знае каде е чантата „Луј Витон”, како и за тоа дека неговиот син добивал закани по живот во затвор.
„Двапати имаше претрес со мојот дом, земени се и снимките од камерите. Кај мене немаше ништо. Јас прв ќе кажев ако имаше торба. Ќе ја цитирам Русковска која рече „Јас претпоставувам дека торбата завршила во домот на неговите родители”. Тоа е нонсенс. Срамота е тоа да го изјави еден обвинител”, вели Јовановски.
Јовановски тврди и дека неговиот син добивал закани во затворот, како и дека тој се плаши за неговиот живот.
„Се плашам за мојот син. Најмногу кога беше во истражниот затвор, затоа што имав дојава од близок човек во правосудните органи дека имало, ми цитираше пораки, дека нема да излезе жив од затворот, дека ќе го убијат итн”, додава Јовановски.
Тој додава и оти не знае кој ги праќал тие закани, но истакна дека можеби се работи за братот на Зоран Заев, за кој тврди дека бил вклучен во криминални активности.
Јовановски тврди дека случајот „Рекет” е „начин да се уништи СЈО”, а Катица Јанева и неговиот син биле „погодни личности за тоа”.
„Кај се парите, еве јас прашувам, кај се парите. Јас не можам да тврдам што имало во ташната, ниту сум бил, ниту знам. Можам хипотетички да кажам имало пари, можам да кажам дека нема пари. Ако имало списанија, како можело да собере и толку пари. Дајте снимка каде Бојан зема пари, каде ги бројат парите”, тврди Јовановски.






