вторник, 19 мај 2026

Обемната документација за приливот на пари ја продолжија за уште шест месеци истрагата за Еуростандард банка

Објавено на

часот

Сподели

Во одговорот на ОЈО се вели дека се работи за сложена и обемна истражна постапка што објективно не може да се заврши во рок од шест месеци. „Предметниот обвинител ценејќи дека се исполнети  законските услови за продолжување на рокот за завршување на истрагата, до Вишото јавно обвинителство Скопје достави барање за продолжување на истражната постапка за уште шест месеци. Барањето е прифатено и рокот за спроведување на истражната постапка е продолжен“, велат од ОЈО ГОК.

„Осомничените лица за кои покажувате интерес се лица кои имале посебни права и одговорности во Еуростандард банка АД Скопје и кои со своето работење ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот при што органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции. Воедно со донесените одлуки не постапиле по изречените мерки на гувернерот на НБРСМ со што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката“, додаваат од ОЈО ГОК. 

Во оваа истрага, обвинителот кој ја почна истрагата, Наум Пановски, пред извесно време беше избран во Вишото јавно обвинителство. Истрагата, која беше отворена, продолжи да ја води обвинителката, Катерина Коларевиќ. 

Од Обвинителството појаснуваат дека постапката тече непречено без оглед на промената на предметниот обвинител.

„Новоназначениот обвинител активно работи на предметот, па така во досегашната истражна постапка врз основа на наредбите на обвинителството прибавени се обемни материјални докази, испитани се осомничените, како и повеќе други лица во својство на сведоци, издадени се низа наредби меѓу кои и наредба за вештачење на одземените електронски уреди, како и наредба за обезбедување на целокупната материјална документација од Еуростандард банка АД Скопје што  се однесува на извршените пријави за сомнителни трансакции во критичниот период вршени од или кон одредени правни лица. По дел од наредбите е постапено од страна на надлежните органи, а по дел сѐ уште се постапува. Воедно со решенија за привремена мерка се определени привремени мерки  – забрана за отуѓување, оптоварување и давање под закуп на недвижност, забрана за користење, отуѓување или располагање со хартии од вредност – обични акции и забрана за оттуѓување или располагање со  патнички моторни возила.

Имајќи го предвид обемот на документацијата, големиот број на трансакции помеѓу повеќе правни лица за секоја поединечно одобрена кредитна партија на нејзините клиенти, големиот број на физички лица – сметководители, сопственици, управители и вработени кои се поврзани со одобрените кредити, Управата за финансиска полиција побара продолжување на временскиот рок за да бидат анализирани и обработени податоците за сите 149 правни лица и да се извршат разговори со сите физички лица поврзани со истите и притоа достави извештај од извршена анализа и обработка на дел од правните лица, односно за 21 правно лице“, се вели во одговорот на ОЈО на прашањата од МКД.мк.

Според Обвинителството, осомничените како лица со посебни права и одговорности во банката, во периодот од 2018 година до 2019 година, ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот.

„Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на Гувернерот на Народната банка, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката. Воедно го зголемиле ризикот од концентрација и масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за измирување на обврските и нереалната класификација, што резултирало со погрешно известување за финансиската состојба на банката и нејзините сопствени средства како кон НБРСМ, така и кон останатите заинтересирани страни“, соопштија од Обвинителството при отворањето на истрагата во февруари, годинава. 

К.Д. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ