понеделник, 4 мај 2026

За Касами од опозицијата сѐ уште без цврст став, Беса да реши дали е со ДУИ или не

Објавено на

часот

Сподели

Во Алијанса за Албанците повеќе не е така цврст ставот изнесен веднаш по првиот изборен круг дека Касами ќе добие безрезервна поддршка во градоначалничката битка за Тетово, особено откако вчера тетовскиот огранок соопшти дека нема донесено одлука за поддршка на лидерот на Беса и дека за тоа треба да се разговара на највисоко ниво во партијата.

Одлуката ќе ја носиме деновиве на централно партиско ниво, велат од партијата за МКД,мк.

„Ние сакаме ДУИ да падне на сите нивоа, не само во Тетово, туку и на владино и на локално ниво. ДУИ е нашиот главен политички противник и нашата енергија постојано е насочена кон наше јакнење и слабеење на тој противник. Затоа, Беса треба да избере дали во оваа локална политичка битка ќе биде со ДУИ или со нас, опозицијата“, велат од Алијанса.

Од партијата подвлекуваат дека колку и да е предизвик да се добие првата позиција во Тетово, дека треба акцент да се стави и на другите општини.

„Веројатно јавноста заборава, а можеби и Беса подзаборава, дека изборите во вториот круг продолжуваат и во Гостивар, Дебар, Боговиње, Теарце, но и во Чаир  каде кандидатот на нашиот коалициски партнер Алтернатива сакаме да го порази кандидатот на ДУИ. Поддршка особено нѝ е потребна во Теарце и во Боговиње, Затоа и велиме, ако Беса седи на иста столица со ДУИ, тогаш кого ќе поддржи во вториот круг во овие општини? Затоа велиме, не се доволни само меѓупартиски разговори зад затворени врати на кои се изразува подготвеност, туку треба јасно со соопштение и со изјава да излезат и да кажат дали ќе нѐ поддржат“, велат во Алијанса.

Алијанса за Албанците деновиве разговара со Алтернатива имајќи предвид дека по првичниот став на партијата на Зијадин Села за поддршка на Касами во Тетово, од Алтернатива на Африм Гаши изнесоа категоричен став дека не доаѓа предвид претседателот на Беса да ја добие нивната поддршка. Ниту пак имаат намера, велат од Алтернатива, да влегуваат во Владата евентуално на местото на Беса.

Во Беса пред неколку години се случи раскол по што партијата се подели на два субјекта – на Движење Беса и на Алтернатива.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ