„Ковачевски уште не дојден на позицијата премиер, во стилот на неговиот наредбодавател Заев почна со кршење на законите. Ковачевски во својот Извршен одбор (ИО) го сместува Мишко Ралев, професор, декан на Факултетот за архитектура и дизајн. Со тоа прекршен е Законот за високо образование на Република Македонија, закон донесен во 2018 година, во владеење на СДСМ“, изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски на денешната прес-конференција.
Тој цитираше дел од законот, односно член 114 , став 3 во кој стои: „Вршењето на должноста декан и продекан е неспоиво со вршење на друга јавна функција или функција во политичка партија“.
„ИО на СДСМ е највисокото партиско тело во една политичка партија. И пиунот на Заев, Ковачевски, но и деканот Ралев одлучиле да го прекршат законот за високо образование. Оттука, бараме Ковачевски да го исклучи Мишко Ралев од Извршниот Одбор на СДСМ или пак Ралев да си поднесе оставка од позицијата декан“, рече Стоилковски.
Според него, по прифаќањето на Ралев да биде дел од Извршниот Одбор на СДСМ, со што го крши Законот за високото образование, очекувано е тој да се повлече од функцијата во високото образование.






