петок, 8 мај 2026

Трифонов не доби поддршка од коалициските партнери за условите за кревање на ветото за Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Координаторот на пратеничката група на Промената продолжува (ПП) во бугарското Народно собрание, Андреј Ѓуров вели дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава.

„Имаме стратегија како да ги водиме разговорите – да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Ова е ставот на коалицијата и на ПП, изјавил Ѓуров за Нова ТВ.

Според него, работите што ги споменува Трифонов не треба да се поврзуваат една со друга, бидејќи тоа не функционира на меѓународно ниво – да се поврзува една одлука со друга.

Копретседателот на Демократска Бугарија, Атанас Атанасов, изјави дека лично не гледа ништо лошо во ставот на Трифонов, но оцени дека нештата „не треба да се поставуваат на таков начин“, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на Македонија во ЕУ.

„Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно прашање за Бугарија. Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Да ги спроведеме договорите“, рече Атанасов, додавајќи дека Демократска Бугарија не го поддржува предлогот на Трифонов.

И потпретседателот на бугарското Собрание на Бугарија и поранешен бугарски министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин, кој е член на БСП, се огради од изјавата на Трифонов, посочувајќи дека во коалицискиот договор меѓу четирите партии е изнесен јасен став за европската перспектива на Македонија.

Според него, одржувањето на Консултативниот совет за национална безбедност во врска со темата за Република Северна Македонија, што бугарскиот претседател Румен Радев уште минатиот месец го најави за првата половина на јануари, претставува „добра можност за да се добијат нови информации и за споделување на политички ставови за следните чекори“.

Ваквите реакции на Трифонов уследија по неговата објава на Фејсбук во која наведе дека ако „Американците толку многу сакаат Северна Македонија да е во Европската Унија, тогаш на граѓаните на Бугарија да не им требаат визи за да одат во Америка, како на граѓаните на повеќето земји од Европската Унија“.

Како што јави Дојче веле, меѓународниот секретар на ИТН, Димитар Гардев, на прашање дали ваквата позиција е официјален став на партијата, изјави дека за партискиот став по ова прашање ќе се разговара денеска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ