
Според Стоев, тоа се црвените линии, прифатени од сите политички сили во земјата и почетна точка на бугарската конзистентна политика.
На вчерашната дебата за Словенечкото претседателство со ЕУ, Стоев говореше за дијалогот со Македонија и со партнерите во ЕУ, кој, како што рекол, е нов момент во политиката што ја води техничката влада.
„Разликата е во дијалогот којшто се обидуваме да го водиме на исклучително конструктивна основа и во насока на давање неопходни гаранции за негово продолжување кога ќе има нов парламент и политичка влада. Но, поинакво е активното објаснување на нашата позиција пред европските партнери, нешто што недостасуваше до овој момент. Сега има слух. Ако порано имаше повеќе критики отколку разбирање, во моментов земјите членки го слушаат тоа што го кажува Бугарија“, изјавил Стоев.
Тој, како и сите бугарски политичари, повторува дека Бугарија е отворена за дијалог со Република Северна Македонија, но тој треба да биде конструктивен, добронамерен и да се базира на доверба, којашто е изгубена.
„Јазикот на омразата треба да исчезне од нашите билатерални односи“, изјавил тој.
Стоев уште додава дека довербата е изгубена и поради тоа што редица политичари од Македонија избрале да ги обиколат престолнините на земјите членки на ЕУ, наместо да зборуваат со партнерите од Бугарија.
„Тој притисок којшто се обидоа да ѝ го наметнат на Бугарија преку нашите партнери не постигна резултат. Крајно време е да се разбере дека најкусиот пат е билатералниот дијалог“, порачува Стоев.






