„Дозволете ми во овие тешки моменти на тага и болка за целата држава да изразам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите во трагичната сообраќајна несреќа која се случи во Бугарија, споделувајќи ја тежината на ненадоместливата загуба. Иако е тешко да се најдат зборови на утеха, во овие траорни мигови, сакам да порачам како член на Владата и како човек, дека остануваме заедно со семејствата, а институциите се тука да обезбедат поддршка и помош согласно потребите, односно веќе е извесно дека организацијата и трошоците околу враќањето на жртвите во несреќата во земјава ќе бидат на товар на државата. Утринава веднаш телефонски исконтактирав со мојот бугарски колега Рашков и му најавив дека тим на Министерството за внатрешни работи од униформираната и сообраќајната полиција, како и од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења тргна за Бугарија и се стави на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги. Покрај претставници на МВР, во Бугарија пристигнаа и претставници на неколку стручни служби од нашата држава кои ја понудија експертската помош, како и на нашето обвинителство кои на колегите од бугарското јавно обвинителство ќе им ја обезбедат и предадат целокупната потребна документација”, рече Спасовски.
Министерот додаде дека очекува брза и сеопфатна реакција на надлежните служби.
„Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верувам дека со заедничка соработка многу брзо ќе имаме одговор на сите нејаснотии околу оваа трагедија. Она што засега можам да го кажам и е во доменот на податоци со кои располага МВР е дека последната извршена проверка за техничка исправност на автобусот е направена на 5 октомври оваа година, а истражната постапка ќе ги даде одговорите на сите отворени прашања. Нашата земја и Бугарија се заедно во тагата за жртвите од трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма” во Бугарија, но и во активностите за расветлување на причините за автобуската несреќа, за идентификување на загинатите, за давање помош и лекување на настраданите, за што сме, исто така, благодарни. Истовремено, нашите мисли и молитви остануваат со повредените. Од срце посакувам нивно брзо закрепнување и што поскоро враќање во нивните домови, крај најблиските”, дополни Спасовски.
Министерот Спасовски вели дека во моментот на несреќата во автобусот имало двајца возачи.
„За причините треба да се почека да се даде извештај од оние кои вршеа увид на местото. Апсолутно не е добро да излегуваме со било какви информации кои се на ниво на шпекулации. Тоа може да наштети на истрагата. Нашите првични информации се дека имало двајца возачи во автобусот. Од 45 загинати, 12 се деца, но очекуваме утре да добиеме извештај од судска медицина од Софија и тогаш ќе ги соопштиме сите детали околу возраста. Според првичните информации во автобусот имало вкупно 52 патници, а од нив 45 се загинати, а 7 се повредени. Ова се сепак првични информации кои ги добивме од Бугарија”, вели Спасовски.






