„Со Инспекторатот за земјоделство многу скоро започнуваме со издавање на потврдите за извоз на тутун и вино, коишто многу се користат затоа што за секоја серија се бара нова потврда. Во завршна фаза и тестирање сме на оваа услуга. Очекувам огромен интерес од страна на производитеите и извозниците“, изјави денеска министерот Андоновски, кој присуствуваше на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители.
Андоновски најавува дека наскоро електронски ќе се врши и пријавувањето новороденче, со тоа што првично најавуваниот рок од 48 часа за издавање на изводот е скратен на 24 часа.
„Паралелно со тоа работиме и со Фондот за здравствено осигурување по автоматизам да се активира здравственото осигурување за новорденчиња и социјалната помош за новороденчиња“, рече Андоновски.
Андоновски е задоволен од националниот портал uslugi.com.mk каде, како што посочи, се бележи раст на бројот на трансакции од 150 проценти на месечно ниво.
„Бројот на приклучени институции од приватниот и од државниот сектор од околу 30 до 35 институции во 2024 година, денес достигнува бројка од околу 90 институции и компании. Како што знаете, порталот го отворивме и за приватните компании, закачувањето е бесплатно, а споделувањето на информации е безбедно, заштитено со закон и на платформа којашто не дозволува протекување на информации“, нагласи Андоновски.
Министерот за дигитална трансформација очекува Македонија да биде меѓу првите држави на која ќе и биде овозможен роаминг без дополнителни трошоци во ЕУ. Добри вести очекува на самитот ЕУ-Западен Балкан, којшто ќе се одржи на почетокот на јуни, во Подгорица.
Смета дека ќе биде меѓу првите држави со кои Европската Унија ќе потпише договор за т.н. роаминг како дома.
„Има најава за почеток на преговори што е позитивен сигнал. Преговорите ќе се однесуваат на секоја земја поединечно и промената е таа што ќе се потпише специјален договор, слично на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, со секоја од државите-кандидати. Позитивно е што ние ги исполнуваме условите со донесувањето на Законот за електронски комуникации и со тоа сме, да речеме, во групата којашто прва ќе почне преговори“, изјави денеска Андоновски, кој присуствуваше на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители.






