Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски соопшти дека денес официјално ќе ја поднесе кандидатурата за лидер на СДСМ.
„Денеска официјално ја поднесувам кандидатурата за претседател на СДСМ во седиштето на партијата, по што во 12.30 часот ќе дадам изјава пред главниот влез“, информира Ковачевски.
Ковачевски овој месец стана фаворит за лидерската функција по оставката на Зоран Заев, откако присуствува со него во преговорите со Алтернатива за влез на таа партија во Владата.
Утрово своја кандидатура за функцијата претседател на СДСМ поднесе поранешниот функционер Фросина Ременски.

„Ги предадов сите документи за самокандидирање за претседател на СДСМ. Очекувам во следниот период, согласно роковникот, да се утврдат кандидатите, со што би почнале активностите за претставување на кандидатите пред членовите, активистите и симпатизерите на СДСМ“, изјави Ременски пред партиското седиште.
Вели дека одлуката ја донела врз основа на нејзиниот целокупен општествено-политички и партиски активизам.
СДСМ објави дека заинтересираните членови со најмалку 5 години стаж во партијата можат да се кандидираат за највисоката функција. Постапката е започната, а на 12 декември е предвидено да се избира нов претседател на СДСМ.
Програмите на сите кандидати кои ќе поднесат кандидатура ќе бидат објавени и на официјалната интернет страница на СДСМ.






