Во документот на бугарското МНР се вели дека продолжува континуираната практика на овековечување на предрасудите и негативните стереотипи кон Бугарија и бугарскиот народ, вклучително и преку медиуми, учебници и споменици, како и напади врз бугарските национални симболи и спомен плочи. „Ова дополнително придонесува за создавање негативни ставови и неповолна средина за бугарските граѓани во Република Северна Македонија.
Инсистираме на јасна и недвосмислена позиција на властите во Република Северна Македонија да преземат конкретни активности за изградба на интегрирано општество базирано на владеење на правото и заштита на човековите права. Гарантирањето на уставните права на граѓаните со бугарска определба на рамноправна основа со сите други граѓани на Република Северна Македонија, без дискриминација, ќе им реши голем број егзистенцијални прашања. Важноста за одржување добрососедски односи, а особено доследната имплементација, со добра волја, на билатералните договори со земјите -членки на ЕУ, постојано беше нагласена од Советот на ЕУ. Имплементацијата на одредбите и духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка склучен во 2017 година е од клучно значење и останува предуслов за напредок во процесот на пристапување на земјата во ЕУ“.
Како заклучок, во документот се наведува дека Бугарија ќе посвети посебно внимание на сите процеси поврзани со создавање на неопходните услови за самоидентификација на граѓаните со бугарска определба.
На 3 септември премиерот Зоран Заев побара од Бугарија немешање во внатрешните работи, вклучително и малцинските права. „Како што реков во современа Европа, ние се сметаме за исти такви, Бугарија е членка на ЕУ, се решаваат пред судот во Стразбур и нема што ние да се мешаме или тие да се мешаат кај нас за одредени вакви прашања или слично. Наша цел е да водиме грижа овде како што водиме за сите етнички заедници, за сите малцинства коишто ги имаме во државата, вклучително и бугарското малцинство тоа го правиме и дефинитивно многу работи се унапредени“, рече премиерот Заев.






