„Се работи за шверц на еден тон дрога која била внесена во Македонија преку македонска компанија, која се занимава со телефонска галантерија. Затоа легитимно ќе поставиме неколку прашања поврзани со овој скандал.
Прво, дали на 5 ноември на скопскиот аеродром во делот на стоково царинење пристигнала пратка чиј товарен лист и декларација било забележано дека станува збор за телефонска галантерија, а во таа пратка имало друга роба?
Дали оваа сомнителна пратка била прегледана од надлежните царински работници на Аеродромот во делот за стоково царинење, и доколку не била прегледана со какво образложение не била?
Дали можеби претпоставените на царинските службеници им дале усна или писмена наредба за да не постапат?
Под четири, дали царинските службеници кои биле одговорни за контролата на сомнителната пратка на барање на полициските службеници на 5-ти ноември година дале изјави со кои потврдиле дека царинската контрола на пратката од Дубаи не е извршена врз основа на наредба на претпоставениот царински службеник, а три дена подоцна истите под силен притисок истата изјава целосно ја промениле?
Еден месец целосен молк од страна на Министерството за внатрешни работи и Царинската управа за овој шверц. Цел тон дрога не забележан од никого од скопскиот аеродром се упатил кон својата дестинација. Најзасегнатите за овој случај, Јавното обвинителство исто така молчат. Јавноста очекува одговори на овие прашања. На криминалот и корупцијата мора да им се стави крај. За овој случај мора да има одговорност“, изјави Ковачки.






