Како што соопшти Холандската амбасада во земјава, Руте ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со претставници на младите од граѓанското општество, а посетата ќе ја заокружи со работна вечера кај претседателот Стево Пендаровски.
Во соопштението на Амбасадата се нведува дека на средбите ќе се разговара „за добрите односи меѓу Холандија и Северна Македонија, европската соработка, случувањата во регионот и соработката во НАТО”. Скопје е последната етапа од регионалната посета на Руте во која се вклучени и Грција и Албанија.
Холандија поддржува старт на преговорите со Скопје и Тирана, и како што истакна Руте на неодамнешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо, очекува надминување на блокадата по изборите во Бугарија, а Хаг ќе помогне за што побрзо почнување на пристапните преговори.
„Ќе треба да почекаме на изборите во Бугарија. Не сум среќен со фактот што пристапните преговори со Северна Македонија сè уште се блокирани. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаеме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме сè што можеме за тоа да се случи”, рече Руте во Брдо.
Посетата на Руте на Скопје, ја најави минатата недела холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.
Во коментар за најавената оставка на премиерот Зоран Заев, амбасадорот тогаш ја повтори изјавата од Брисел дадена во име на сите земји членки дека ЕУ ја следи состојбата и дека е многу битно да се остане на патот на реформите.






