„Честитајќи му ја на Ковачевски новата функција, претседател на социјалдемократите, разговаравме, меѓу другото, за иднината на државата и за владиниот план за држава со европска и прогресивна ориентација“, напиша Гаши.
Лидерот на Алтернатива во објавата за средбата, вели дека неговата партија ќе се заложи за унапредување на европската и прогресивна ориентација на државата, како дел од европското семејство.
Инаку, Алтернатива минатиот месец постигна договор со тогашниот премиер Зоран Заев за влез во Владата, со што позициите на владејачкото мнозинство во парламентот се зајакнаа со четирите пратеници од партијата на Гаши и сега тоа мнозинство брои 64 пратеници.
Ковачевски од претседателот на Македонија Стево Пендаровски кон крајот на годината го доби мандатот да формира Влада. Очекувањата се по празниците да се формира новиот владин кабинет.






