Османи апелираше до граѓаните да излезат и да гласаат на 31 октомври, за да се отвори патот за реализација на програмите на ДУИ за интеграција со проекти за уште поквалитетен развој на општините во државата. Тој повика да се поддржи и Петре Шилегов за градоначалник на Град Скопје за да се обезбеди континуитет на развојот на градот, негов инфраструктурен напредок и Скопје да продолжи да биде град еднаков за сите.
„Успехот на партијата наметна една нова политичка мисла – целосно нова понуда која е многу важна и за развојот на општините, и за развојот на целата држава. Покрај резултатот, ние сме горди што зелената агенда се наметна како задолжителен политички наратив на целото општество, процес кој влегува во една структурирана, предвидлива фаза од која нема враќање назад. Напротив. Со успехот кој го очекуваме и во вториот круг зелената агенда станува обврска и за претставниците на локалната власт, а посредно и за Владата и сите други институции и општествени чинители.
Граѓаните треба да знаат дека во недела имаат избор околу една јасна понуда и концепција од една страна, и сѐ уште несфатлива коалиција со нејасна идеолошка и политичка цел до другата страна. Ова е гаранција за нејзиното наметнување длабоко во сите општествени текови. Со не помала важност е и нашиот избор за градоначалник на главниот град. Скопје станува град на сите, град за сите – и тоа треба да го зачуваме. Тоа е важно и за нас скопјаните; но тоа е важно и за севкупниот мултикултурен амбиент на државата“, рече Османи.






