
Министерот објаснувајќи ги законските процедури во однос на издавање лиценци за слободен меѓународен транспорт на патници потенцира дека без лиценца за превоз и без извод од лиценца која ја издава Министерството за транспорт и врски една компанија не може да врши меѓународен превоз на патеници.
„Согласно законот за превоз во патниот сообраќај превозник може да врши превоз врз основа на лиценца, а изводот од лиценца за секое возило одделно ги содржи сите податоци за самото возило и за регистрацијата, односно за извршен технички преглед, како и за сите други детали од автобусот. Контролата и надзорот на превозот е во надлежност на Државниот инспекторат за транспорт, по чиј наод Министерството може да одземе лиценца. Бидејќи констатиравме дека се вршел превоз без лиценца за конкретниот автобус, Министерството започна постапка за одземање на лиценцата на превозникот. Ќе се изврши и вонреден инспекциски надзор на компанијата“, рече Бочварски.

Тој прецизира дека автобусот го нема во електронската база на Министерството за транспорт и врски.
Контрола на компаниите кои вршат превоз на патници со автобуси врши Државниот инспекторат за транспорт, по пријава или вонредна контрола без најава.
Како било можно автобусот да минувал граници?
„Во овој момент не можеме да знаеме дали и колку пати поминал и колку пати бил сервисиран автобусот додека трае истрагата. Требало да биде контролиран автобусот од страна на Царинската управа за тоа дали поседува документи и ако не ги поседува требало да биде запрен. Техничката исправност на возилата не ја контролираме ние, тоа се прави во моментот кога се проверува техничка исправност на возилото. Има различни типови на превоз. Согласно техничките податоци се знае колку патници треба да превезува автобусот, а таа техничка контрола ја прави МВР“, рече министерот.
Превозникот „Беса транс“ до Министерството за транспорт и врски доставил барање на 18 јули 2018 година за добивање на лиценца за слободен меѓународен превоз и согласно законот ја доставил потребната документација и ги исполнил условите за добивање на таа лиценца, рече Бочварски и додаде дека кон барањето превозникот доставил и докуемнтација за автобусите со докази за исполнување на еуро 3 и 4 стандарди, како и список на возачи во редовен работен однос. Издадена му е лиценца за вршење на слободен меѓународен превоз со важност до 8 август идната година, а извод од лиценца за превоз „Беса транс“ има за четири автобуси.






