Властите во Атина го набљудуваат напредокот и регистрирале осум, како што велат, проблематични области.
Прво, според нив, е тоа што новото официјално име и соодветните придавки не се користат секогаш од јавните агенции и институции, како и приватни субјекти. „Понатаму, интернет страниците на државни институции не се секогаш ажурирани според договорот и во многу случаи старите кодови MK и MKD не се заменети со RNM или NM.
Друго прашање е што таблите на некои министерства и други државни агенции не го содржат новото име на државата“, пишува весникот.
Во текстот уште се додава дека таблите на спомениците не секогаш се сменети на начин кој го потврдува хеленското историско и културно наследство на античка Македонија, како што е предвидено со Договорот, а сонцето од Вергина сѐ уште се користи на јавни простори. Како пример се наведува дека сонцето од Вергина уште го има на централниот плоштад во Виница и во дворот на основното училиште „Никола Карев“ во Кочани.
„Во Музејот на македонската борба во Скопје има мапи на таканаречената ‘голема Македонија“ на кои се вклучени делови од сегашна Грција и има иредентистичка фразеологија“, се додава во текстот.
Друго прашање што ги загрижува властите во Атина е што многу улици во Скопје сѐ уште ги носат имињата на антички македонски кралеви. Последната забелешка е што, како што забележале грчките набљудувачи, „кога Северна Македонија учествува на меѓународни изложби, спортски настани и слично, двата збора што го сочинуваат името на државата мора да бидат напишани со иста големина на буквите“, а тоа не било секогаш почитувано.






