Нексус спроведе истражување за перцепциите на јавноста за НАТО, генералниот сентимент кон Алијансата и запознаеноста со активности кои таа ги спроведува во државата. Анкетата е спроведена на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, постари од 18 години.

Колку добро ја познавате НАТО организацијата, гласаше едно од прашањата. Мнозинството (40,3%) сметаат дека доволно добро ја познаваат организацијата, наспроти третина (33,2%) кои кажуваат дека малку ја познаваат. Додека пак, (13,6%) сметаат дека многу добро ја познаваат работата на НАТО.

Етничките Албанци, за разлика од етничките Македонци покажуваат поголемо познавање, односно 27,4% од етничките Албанци одговориле дека многу добро ја познаваат, наспроти 9% од етничките Македонци кои го дале истиот одговор. Се забележува дека оние со повисок степен на образование повеќе истакнуваат дека ја познаваат доволно добро.

Анкетата покажа дека 50,7% од населението во Македонија се согласува дека членството во НАТО е позитивна работа за земјата. Генерално, етничките Албанци имаат повисоко мислење за Алијансата од етничките Македонци. Висок е процентот на граѓани кои „донекаде“ не се согласуваат дека НАТО е добра работа (17,4%) или дека „воопшто“ не е добро (11,5%), при што етничките Македонци имаат видливо поскептичен став кон Алијансата отколку етничките Албанци. Повеќе од две третини (71,8%) од етничките Албанци се согласуваат дека членството е позитивна работа, наспроти 42,1% од етничките Македонци“.

74,4% од населението очекува НАТО да ја брани земјава во случај на напад, а 60,4% се согласуваат дека и Македонија треба да ги брани своите сојузници во случај на напад.

Телевизијата е главен извор за информирање за актуелни случувања во земјата и светот (44,8%). Повеќе од четвртина (28,7%) пак, се информираат преку социјалните медиуми. Весници преку интернет се извор за информирање на 14% од граѓаните кои учествувале во оваа aнкета, покажа истражувањето на Нексус.






