четврток, 23 април 2026

Отворен Саемот на книгата: Народ што чита, не може лесно да се манипулира

Околу 30.000 посетители, повеќе од 130 промоции на наслови, присуство на над 60 издавачки куќи – богата програма со специјални попусти, книжевни панели и интерактивни работилници, ќе понуди  38-от Саем на книгата што почна денеска и ќе трае до 29 април.

Објавено на

часот

Сподели

Саемот се одржува во арената „Борис Трајковски“ под мотото „Отвори прозорец кон нови светови“, а го отворија претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Како што истакнаа Сиљановска-Давкова и Љутков во обраќањата, оваа манифестација останува еден од најзначајните културни настани кој ја обединува публиката од целата земја и од странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за поврзување меѓу авторите, издавачите и читателите.

„Народ што чита ја разбира иднината, зашто знае дека таа се гради со знаење. Денешниот ден нè обврзува да ја сочуваме книгата од заборавот“, рече Сиљановска-Давкова, која го прогласи саемот за отворен.

Според министерот Љутков, саемот на книгата ги слави зборот како темел на културата, мислата како двигател на општеството и книгата како простор во кој секоја идеја пронаоѓа свој живот.

„Народ што чита, не може лесно да се манипулира. Народ што размислува, не може лесно да се подели, а народ што создава, не може лесно да исчезне. Живееме во време на брзина, на површност, на информации што доаѓаат и исчезнуваат во секунди. Во таквиот свет, книгата е чин на отпор. Да седнеш и да читаш значи да одлучиш да мислиш, да одлучиш дека вниманието е вредност, дека тишината има смисла“, порача Љутков.

Официјалното отворање на саемот беше збогатено со настап на хорчето од градинката „Детска радост “. Дечињата им дадоа подароци – книги на претседателката Силјановска-Давкова и на министерот Љутков.

Се обрати и претседателот на Македонската асоцијација на издавачи, Бојан Саздов кој се осврна на активностите за популаризацијата на книгите, но и на македонската книжевност надвор од границите.

Отворањето на саемот годинава се совпаѓа со Светскиот ден на книгата и авторското право.

Саемот на книгата и оваа година е поддржан од Министерството за култура и туризам.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ