четврток, 14 мај 2026

Охрид СОС предупредува, хотел полн со гости работел со кров пред уривање

Кровот над ресторантскиот дел и мензата на хотел Десарет е во лоша состојба и претставува потенцијален ризик за безбедноста на гостите, меѓу кои често има и деца, предупредува невладината Охрид СОС повикувајќи се на документите и фотографиите кои им биле испратени од жители на крајезерското село Пештани.

Фото: Охрид СОС

Објавено на

часот

Сподели

Како што се посочува во дописот до јавноста, хотелот е во сопственост на компанијата „Охридтурист“, а под закуп го користи поранешниот пратеник Лазе Таневски.

Како што сведочат жителите на Пештани, минатата година до Општина Охрид била поднесена пријава за состојбата на кровот.

„По извршен инспекциски надзор, овластен градежен инспектор составил записник и издал задолжение кровот да биде саниран најдоцна до 30 април 2026 година, пред стартот на туристичката сезона и приемот на првите гости. Но, и покрај решението, санација не била извршена. Дополнителен револт кај жителите предизвикал фактот што за првомајските празници хотелот работел со полн капацитет, иако кровот, според нив, останал небезбеден. По новата пријава, одговорот што го добиле бил дека не можело да се најде изведувач за санација. Во следната комуникација со Општина Охрид, граѓаните добиле објаснување дека кровот ‘не бил толку оштетен’, но, како што велат, не добиле одговор зошто и по повеќе од шест месеци не е постапено по решението на инспекторот“, се наведува во дописот на Охрид СОС.

Поради тоа, случајот бил пријавен и до Државниот градежен инспекторат, со обвинувања за несовесно работење и заштита на интересите на сопствениците на хотелот.

„Жителите предупредуваат дека државата и институциите со години покажуваат негрижа кон ваквите објекти, потсетувајќи и на уривањето на ресторанот Парк, уште едно архитектонско дело на познат охридски архитект, кое беше демолирано за време на полициски час во пандемијата, и покрај барањата за негова заштита. Хотелот Десарет има и значајна архитектонска вредност. Проектиран е во 1973 година од познатиот охридски архитект Пантелеј Митков и се смета за дел од современото архитектонско наследство на Охридскиот Регион“, велат од Охрид СОС.

Невладината Охрид СОС редовно објавува написи и ги предупредува надлежните институции и граѓаните за состојбите со природата и животната средина и нивното зачувување.

Охридско-струшкиот регион заедно со регионот на Дебарца се заштитено културно наследство од страна на УНЕСКО како единствена локација која е прогласена за светско наследство врз основа на две компоненти, природа и културно наследство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ